Uncategorized Вести Македонија Топ вести

ЗЕЛС бара оставка од Арсовска, за одземање на ингеренциите треба време

Оставка од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и да се оди на нови избори е решението за хаосот во главниот град, според првиот човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, бидејќи проблем нема само во јавниот превоз, туку во сите претпријатија под нејзина капа, а последиците се далекусежни.  Ѓорѓиевски смета дека и да бидат исполнети барањата на Арсовска, не верува дека градот Скопје ќе има напредок и не штедеше зборови во критиките кон неа.

„За жал Скопјани се заложници во моментов на еден човек, кој што има проблем со себе. Тоа мора да го признаеме на кој што секој му е крив, освен прстот да го впери во себе си и да си го најде проблемот во себе си. За Скопје спас во моментов е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка. Арсовска нема поддршка ни околу нејзините соработници. Директорите на јавните претпријатија ги менува по неколкумина на шест месеци. Знаеме дека станува збор за една личност која е конфликтоман по природа и не сака да допринесе за развојот на градот“, рече Ѓорѓиевски.

И покрај понудената рака од страна на Владата, Арсовска ништо не прифатила, а доколку не поднесе оставка, Ѓорѓиевски вели дека сите скопски градоначалници веќе излегле со заеднички став и апелирале до Владата за одземање на ингеренциите, иако добиле одговор дека законски тоа е неприменливо.

„Секако не отстапуваме ние од идејата и доколку треба законски да се интервенира ние како скопски градоначалници ќе бидеме иницијатори истото да се спроведе во пракса“, рече Ѓорѓиевски.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински пак порача дека ќе поддржи било какви законски измени само да се реши ситуацијата, но факт е дека утврдените овластувања кои ги има градот не може да бидат одземени.

„Законот за локална самоуправа е системски закон се носи со двотретинско мнозинство и треба да бидеме свесни дека на овој начин доколку влеземе во оваа авантура не можеме утре да го решиме прашањето и затоа апелиравме како Влада системот на функционирање на градот Скопје е менаџментот и советот на градот Скопје и таму може наједноставно и најбрзо да се решат сите проблеми кои ние како скопјани ги живееме секојдневно“, рече Перински.

Војната меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ трае подолго време и за неа не се најде решение ниту на неодамнешната средба на Арсовска со премиерот. И покрај тоа што Мицкоски вети дека советниците од ВМРО ДПМНЕ ќе ги гласаат за проектите на градот Скопје вчера тие не дадоа зелено светло за набавка на автобуси за ЈСП Скопје.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Деветнаесетгодишно момче е рането во синоќешното пукање во Чаир

Дејан Дејан

Престрелка во Чаир, едно лице е повредено

Дејан Дејан

Охрид домаќин на меѓународен Симпозиум за вештачење за незгоди, надомест на штета и измами во осигурувањето од 10 до 13 октомври

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе