Вести Култура

МНТ во новата сезона ќе отвори летна сцена што ќе го носи името на починатиот актер Славиша Кајевски

 

Македонскиот народен театар, во кој што за в.д. директор од новата власт е поставен продуцентот Никола Кимовски, на местото на доскорешната директорка Симона Угриновска , ќе добие летна сцена, што ќе го носи името на прерано починатиот актер во 2021 година,  Славиша Кајевски. Ова е наведено во соопштението од нашата најголема театарска куќа.

  • Редовната репертоарска програма во новата сезона 2024/25 на Македонскиот народен театар, ќе започне во септември, а во рамките на истата, како новитет и по барање на публиката, свечено ќе биде отворена летната сцена „Славиша Кајевски“, се вели во соопштението од театарот.

Кон средината на октомври, на малата сцена премиерно ќе биде изведена претставата „Бели ноќи“, во режија на Звездана Ангеловска, што ќе биде поставена како копродукциски проект. На 17 октомври е договорено гостување со претставата „Народен непријател“, од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, на Интернационалните театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.

Потоа, на големата сцена ќе биде изведена премиерната изведба на претставата „12“, во адаптација и режија на Синиша Евтимов. Тој, како што велат од театарот, мајсторски го направи изборот на силна актерска екипа што ќе работи на претставата.  „12“ ќе биде поставена по мотивите на американскиот филм „ 12 гневни мажи“ , на сценаристот Реџиналд Роуз. По премиерата, во ноември во МНТ ќе гостува Српското народно позориште од Нови Сад со „Собирачи на пердуви“ во режија на Дејан Пројковски. Претставата годинава го освои првото место на реномираниот српски фестивал „Театар тврдина“ во Смедерево. Во ноември, исто така, премиерно како копродукција ќе биде поставена претставата „Бог на масакрот“, по текст на Јасмина Реза, а во режија на Весна Петрушевска.

Српскиот режисер Егон Савин ќе ја постави „Народен пратеник“, по текст на Бранислав Нушиќ. По претставите „Злосторство и казна“  во 1994 и „Лаж и паралаж“ од 1996 година, ова ќе биде за Савин трета режија во Македонскиот народен театар. Претставата „Народен пратеник“ на сцената на МНТ, за првпат е поставена во 1945 година, потоа во 1993 година, и ова ќе биде трета постановка.

Во декември е предвидена и премиерната изведба на копродукцискиот проект „Марта“ по текст на Драгана Лукан Николоски, а во режија на Нина Николиќ.

  • Со почетокот на училишната година, активно ќе продолжат организираните тури за посета на театарот, со посебен акцент за основните и за средните училишта. На овие тури младите генерации ќе имаат можност да се запознаат со театарот преку разгледување на објектот, музејската поставка со посета на проби и разговори. Покрај онлајн продажбата на билетите на официјалната веб-страница www.mnt.mk, како новитет ќе се имплементира и мобилна апликација каде што публиката ќе биде во можност на побрз и на поедноставен начин да дојде до билет, велат од МНТ во соопштението.

В. д. директорот Кимовски со овластени лица како и со дел од вработените од техничките служби, направил целосна обиколка на објектот – во ентериерот и екстериерот, за утврдување на штетите создадени од природните непогоди/внатрешното прокапување, ронење на фасадата и сл., и нивна понатамошна санација.

 

Сотир Трајков

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гркинка вработена во ОН обвинета за проневера на над еден милион долари

Дејан Дејан

11-годишен ученик од Прилеп паднал од трети кат во училиште во Прилеп

Дејан Дејан

Годишно околу 170 нови случаи на рак на грлото на матката во Македонија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе