Нема реформи во јавниот сектор, ова значи дека нема да правиме реформи во јавниот сектор. И во 1998 година ВМРО-ДПМНЕ направи една африканска влада, многу министерства ги подели, но шнајдерски, без да се направи функционална анализа. Ако се земат надлежности на едно, да се пренесат на друго, истакна професор доктор Борче Давитковски во вечерашната „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Тое само поделија. На пример Транспорт, телекомуникации, врски го направија Екологија и просторно планирање. Просторното планирање остана да виси, бидејќи логично е приврзок на транспорт и врски. На секои четири години се прават реформи на јавниот сектор. Основната болест каде што не може да се направи реформата е разграничување на дуплирање, триплирање, четириплирање на функциите. Значли, надлежностите на министерствата останаа, луѓето останаа, а ние имаме нови органи. И сега за одредена област имате три-четири-пет министерства кои што се надлежни, а функционално граѓаните не чувствуваат ниту еден бенефит“, смета Давитковски.
Според него, сега се повторува тоа.
„Во теоријата има принципи врз чија основа се прави секоја реорганизација на министерствата. Англичаните не се глупави луѓе. Паметни се. Тие правеа реформи од 1900 година до 1915 година, укинаа многу министерства за колонии, за бродови, итн. Па, втората реформа ја направија 80-тите години, кога беше Тачер. Значи по 80 години. Ние, како што нè дал Господ, шнајдерски правиме вакви министерства, онакви министерства. Кога англиската влада е 13 министерства, француската е 14, европските влади се околу 14-15 ресори, ние сега ќе имаме 20. Ниту сме богати, ниту сме паметни, ниту имаме потреба од толку ресори“, вели Давитковски.