Многумина корисници на социјалната мрежа Фејсбук деновиве наидоа на спонзорирана објава со бомбастичен наслов: „ОВИЕ СТРАСНИ СНИМКИ СЕ СНИМЕНИ Вчера со Скопје! Пензионерите плачат ова ќе влијае на секој од нив! Што да правите и што да очекувате следно…“ Објавата е поткрепена со замаглена но, вознемирувачка фотографи, на која се гледа голема група млади луѓе кои се во некој меѓусебен конфликт.
Да започнеме со анализа на текстот. Првите неколку зборови се напишани со големи букви (што алудира на гласно говорење), зборот „вчера“ е напишан со голема почетна буква (што е печатна грешка, а и прв знак дека станува збор за лажна објава). Двете први реченици завршуваат со интерпункцискиот знак извичник (што повторно алудира на покачување на тонот, нешто што во новинарските текстови се користи само во исклучителни случаи). Потоа, третата реченица завршува со три точки (што означува дека текстот е недовршен, па најверојатно треба да го наведат читателот на понатамошно откривање на содржината, повторно нешто што во новинарството се користи многу ретко).
Бидејќи станува збор за спонзорирана содржина, го посетивме профилот на објавувачот извесен „Tattered vainly“. Тука наидовме на страница со дејност маркетинг и како што е наведено, пишува дека е од Берлин, Германија. Повторно нешто нелогично, зошто страница од Германија би објавувала на македонски јазик и кирилско писмо?
Се обидовме да најдеме превод за пораката „Provu“, објавена на ѕидот на страницата „Tattered vainly“. Преведувачот на Гугл го пронајде „рrovu“ како збор од речникот на вештачкиот јазик Есперанто, кој беше актуелен во 80-тите години, со значење „пробај“ или „обидете се“ со поднаслов „Using AI in Fitnes“.
Иако претходните забелешки се доволни за да заклучиме дека станува збор за лажна објава, сепак решивме да го притиснеме копчето „дознај повеќе“. Е тука започнува целата приказна на конструираната лажна информација, a истата е повеќеслојна.
На почетокот од страницата сместена е копија од рамката на интернет порталот на Телевизија Канал 5. Потоа следува наслов со црвени големи букви: СКАНДАЛ на Канал 5: Познат македонски кардиолог беше удриен во лице во студиото на Канал 5 за откривање на нов метод за чистење на крвните садови во секоја возраст!
Овде е линкот до лажната страницата.
И печатните грешки во насловот, како зборот „удриен“ наместо „удрен“, потоа изразот „во секоја возраст“ наместо „на секоја возраст“ алудираат на лажна конструкција. Потоа македонскиот лекар епидемиолог и универзитетски професор Драган Даниловски е потпишан како македонски лекар епидемиолог и универзитетски професор. Тука станува збор за злоупотреба на лични податоци и уривање на јавниот углед на професорот.
Злоупотребите продолжуваат и со објавувањето на фотографијата на новинарката на Канал 5, Љубица Јаневска, под чие име има и линк, но тој не не води до некој незин професионален профил, туку до дното на страницата каде се објавени пакетите со попусти од 50%. Но, всушност попустите можете да ги добиете доколку ги оставите вашите лични податоци (како што се гледа на фотографијата подолу.
Претходната анализа на објавата на Фејсбук не доведе до неколку заклучоци. Конструкторите на лажните информации на социјалните мрежи прекршуваат неколку основни правила на новинарството: 1.Насловот треба да содржи дел од информацијата; 2. Не треба да се дезинформира; 3. Соговорниците треба да бидат претставени со нивните вистински функции; 4. Имињата на новинарите не треба да бидат злоупотребени, ниту лажно претставени како автори; 5. Изјавите на соговорниците треба да бидат автентично пренесени; 5. Авторот на фотографијата треба да биде објавен и уште многу други.
Останува непознато колку од граѓаните оставиле свои лични податоци, па и нарачале од овој продукт, односно подлегнале на лажната објава. Затоа основна заштита е препознавање на дезинформации, а доколку се случи злоупотреба на податоци треба да се извести Дирекцијата за заштите на личните податоци и да се пријави во Секторот за копјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи.