Десетина медиуми денеска објавија дека таксист во центарот на Скопје му побарал на швајцарски турист 7.800 денари за да го одвезе до Средно Водно. Ваквата вест иако е цитирана како извор од МВР, истата не може да се најде во билтените од овој месец, ниту пак од оваа година. Медиумите кои ја објавија ваквата вест тврдеа дека швајцарецот го пријавил случајот пред два дена.
„Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 20.04.2026 година во 20:40 часот во СВР Скопје од страна на швајцарскиот државјанин Б.Ф.П.Х. (43)“, објавија дел од медиумите.

Телма се обрати до МВР за да ја провери информацијата, на што добивме одговор дека ваков настан се нема случено овој период, ниту пак е заведен во билтенот оваа година.
Пребарувајќи низ интернетот, можеше да се види дека истата вест била објавувана во 2025 година, а доаѓа како изворна вест за настан кој всушност датира од билтенот на МВР кој е објавен на 16.06.2025 година како дел од извадоци на настани кои се случиле претходно. Поточно настанот за кој денес се пишува се случил на 14.06.2025 година според тој билтен, а не на 20.04.2026 година.

Овој случај е пример колку лесно застарените информации можат да се пласираат како нови, доколку не се проверат изворите и датумите на објавување.
Теа Димковска
