Борба против Лажни вести

Македонско предизборие – партиски соопштенија со фотографии без датуми и манипулативни видео записи

Фотографии без датуми и монтирани видео записи со изјави извадени од контекст. Во предизборието во македонските медиуми се пренесуваат партиски соопштенија полни со дезинформации и лажни вести. Главната битка ја водат владеачката СДСМ и најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ.

Во исто време медиумските експерти укажуваат дека преку посебни апликации може да се се купат илјадници лајкови за постовите на политичарите.

СДСМ објави фотографија на Гордана Силјановска Давкова (подржана од ВМРО – ДПМНЕ за претседателски кандидат на претстојните избори) со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев алудирајќи на соработка меѓу македонското и бугарското ВМРО (07.03.2024).

„Она што го нудат ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседател, Гордана Силјановска е враќање назад во изолација и мрачно минато. Овие денови граѓаните може да видат дека ДПМНЕ ги врати на сцена насилниците од 27 април и тоа токму на промоцијата на Силјановска. Нема никаква промена во ДПМНЕ, оваа партија не може да понуди ништо добро“, рече на прес-конференцијата Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ (07.03.2024).

Но истиот ден само неколку часа подоцна ВМРО – ДПМНЕ објави дека станува збор за фотографија стара пет години.

„СДС се фатени живи како шират лажни вести, фотографијата која што ја лиферуваа на Гордана Силјановска со Андреј Ковачев е стара најмалку 5 години, и е настаната при случајна средба на еден од заедничките европски настани“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Монтирани видеа со изјави извадени од контекст

ВМРО – ДПМНЕ пак речиси секојдневно објавува видеа со исечоци од изјави од претседателскиот кандидат подржан од СДСМ Стево Пендаровски, не наведувајќи ја временската разлика и тоа во години на дадените изјави на претседателот Пендаровски, со цел да се алудира на променливоста на изјавите на Пендаровски. Конкретно на видео закачено на Јутјуб (13.03.2024) стои насловот „Ставот на Пендаровски е како пластелин, под притисок се менува – еднаш велеше дека барањето на Бугарија за промена на Устав е мешање во внатрешни работи, сега е главен поборник“.

Кратко по тоа, од медиа центарот на Пендаровски се јавија со соопштение во кое се вели: „Иако од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека нема да водат црна кампања против претседателот Пендаровски, сепак секојдневно објавуваат манипулативни видеа во коишто се извадени од контекст изјавите на претседателот Пендаровски“.

Меѓупартиски преписки меѓу „СДС“ и „ДПМНЕ“

Во меѓупартиската преписка владеачката СДСМ и опозициската ВМРО – ДПМНЕ меѓусебно се нарекуваат со нецелосни партиски називи, односно СДСМ при обраќањето на ВМРО – ДПМНЕ го изостава „ВМРО“ (најверојатно со цел јавноста да не прави паралела со историската Внатрешна Македонска Револуционерна Организација) и ја користи само кратенката ДПМНЕ (односно Демократска партија за македонско национално единство). Веќе подолго време, кое се поклопува со промената на името на државата, опозициската ВМРО – ДПМНЕ од кратенката на СДСМ (Социјалдемократки Сојуз на Македонија) ја иззема последната буква „М“ и редовно во соопштенијата за јавност партијата на нарекува „СДС“.

Партиските активисти и симпатизери ги прифаќаат овие промени и во комуникацијата ги користат нецелосните имиња на партиите, што претставува уште една манипулација со јавноста и директно влијае во постојаното оцрнување на политичкиот противник. Не ретко и медиумите кога цитираат делови од нивните соопштенија ги користат кратенките конструирани во партиските штабови.

Еспертите најавуваат лавина лажни вести

Бројни нови портали креирани од владејачки партии се подготвуваат со лажни вести да атакуваат врз мислењето на граѓаните, предупредуваат маркетинг експертите.

Џулијан Шабани, маркетинг аналитичар во „Тера-Синопсис„ укажува дека има неколку генератори кои можат да генерираат нечиј пост да има над милион лајкови, како и провајдери и апликации на кои можат да се купат 10.000 лајкови за еден пост, како и да се додадат лајкови на фан страните на политичарите.

  • Лоши сигнали за политичка кампања посебно од политички партии кои се на власт, особено злоупотреба на одредени фан страни на одредени портали кои се во склоп на некои министерства. Лошото е што нема закон кој ќе биде спроведен за овие работи да не повторуваат на почетокот на кампањата, вели Шабани.

Над 20 нови портали подготвени да креираат лажни вести пред изборите?!

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во војна кој нарачува лажни анктети, а кој лажни документи

Дејан Дејан

СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа на пропагандата од груевизмот, опозицијата најави тужба за клевета за лажни вести со фалц документи презентирани од владеачката партија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе