Вести Култура Магазин Топ вести

Српски актер со руско државјанство и забранет влез во Украина – ХБО го исклучи Милош Биковиќ од серијата „Бел лотос“

Продуцентите на серијата „Бел лотос“ во чија трета сезона требаше да учествува и Милош Биковиќ го откажаа ангажманот на српскиот актер. Портпаролот на ХБО рече дека улогата ќе биде доверена на друг актер, пренесува „Вариети“ (Variety).

По тој повод, Биковиќ се огласи на „Икс“ наведувајќи дека против него се води таргетирана кампања која во суштина фрла сенка на уметничката слобода. Истовремено, изрази уверување дека уметноста и натаму лекува и оти може да го обедини човештвото.

„Пораснав во земја која беше разорена од војна. На 11-годишна возраст минував денови и ноќи во засолниште додека беше бомбардирана мојата родна земја и мојот роден град. Таков пустош не посакувам никому и никогаш. Секој ден има сè повеќе конфликти ширум светот. Секој од нив е различен. И секој од нив е страшен. Би сакал сите да престанат и да победи принципот на љубов. Денес против мене се води таргетирана кампања која, низ надворешно влијание, прави сериозен преседан, фрлајќи сенка на суштината на уметничката слобода. Резултат на таквиот наратив е триумф на бесмисленоста и пораз на уметноста“, се наведува, меѓудругото, во реакцијата на Биковиќ.

Биковиќ во 2021 година доби руско државјанство и лично беше одликуван од рускиот претседател Владимир Путин за придонес за руската уметност и култура. На актерот во 2019 година му беше забранет влез во Украина, а како причина беше наведена националната безбедност.

Министерството за надворешни работи на Украина, на 24 јануари, на платформата „Икс“ објави дека српскиот актер и руски државјанин „ја поддржува Русија во полн обем од почетокот на инвазијата“.

„Милош Биковиќ, српски актер кој ја поддржува Русија од почетокот на инвазијата во полн обем, сега ќе игра во третата сезона на „Бел лотос“, објави украинското Министерство за надворешни работи на социјалните мрежи.

„ХБО, дали е во ред да работите со личност која поддржува геноцид и го крши меѓународното право“, се додава во објавата на украинското МНР.

Спротивно реагираше српското МНР кое објави дека Биковиќ има добиено орден за заслуги за промоција на Србија со своите уметнички проекти.

Милош Биковиќ го глумеше главниот лик цо серијата “Јужни ветар” која беше емитувана премиерно на Телма. Во скопските кина во моментот се прикажува руската романтична комедија “Слуга 2” во која глуми и Биковиќ.

Телма објави минатата година и интервју со Биковиќ во емисијата “Фер плеј со Јана”. Претците на Биковиќ се од Малешевијата и тој беше во посета на тој дел од Македонија.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со лажни дијаманти измамил српски државјанин и му зел пари

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 27.04.2024

Дејан Дејан

Пендаровски: Истите луѓе кои упаднаа во Собрание, сега бараат власт, нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе