Борба против Лажни вести

Лажни киднапирања, украдени неродени бебиња – предизвикување несигурност и страв кај јавноста

„Странци киднапираа малолетничка“, „Украдено е моето бебе од Клинички“, ова се само дела од лажните пријави во МВР кои се појавија деновиве. На социјалните мрежи се плетеа приказни, медиумите ги пренесуваа информациите до кои дојдоа, додека истражните органи трагаа по вистината. Кај јавноста тоа предизвика вознемиреност, страв и шрење паника.

Откако истрагата покажа дека станува збор за лажни пријави инспирирани од измислени настани и ширење лажни фотографии од настани во странство, пријавувачите добија казни. Дваесетгодишниот скопјанец, кој го измислил киднапирањето на малолетничка, не смее да го напушта домот и мора да се пријавува во судот, а на 23-годишната скопјанка, која го пријави исчезнувањето на напостоечкото бебе, одземена и е патната исправа.

Лажното пријавување е кривично дело кое се казнува според член 366 од Кривичниот закон, но ширењето на лажни информации е на сметка на сигурноста на граѓаните, кои ја губат довербата во институциите.

Во групи на социјални мрежи се ширеше веста дека бебе исчезнало од Клиниката за акушерство и гинекологија во Скопје што ги вознемири посебно младите мајки и оние кои очекуваат принова. Се зборуваше за небезбедноста на болниците и граѓаните меѓусебно се подржуваа во изјавите дека таму не треба да се лекуваат.

Потрагата по исчезнатото бебе дојде до сосема поинакво сознание

„На 11 јули годинава се роди нашиот син на Клиниката за акушерство и гинекологија во Скопје, кое беше задржано на понатамошно лекување, а сега е исчезнато“, ова го трвдела во полиција 23-годишната скопјанка. Според нејзината пријава додека детето било хоспитализирано во Клиниката, таа во повеќе наврати била сама и го посетувала на клиниката. На 23 ноември, на иницијатива на нејзиниот невенчан сопруг, кој бил од Куманово, отишле најпрвин на Клиниката за детски болести каде наводно било хоспитализирано детето во тој момент. Таткото побарал да го види бебето, но биле известени дека такво бебе не било примено и донесено на лекување на клиниката. Потоа отишле на ГАК, каде по направените проверки во системите биле известени дека во текот на 2023 година осомничената воопшто не била примена ниту породена на таа клиника.

Истражните органи, кои забележале несогласувања во исказите на двајцата партнери едниот од Скопје, другиот од Куманово, во потрагата по исчезнатото бебе дошле до сосема поинакво сознание, не за тоа каде е бебето, туку дека- пријавата е лажна!

Обвинителството објави дека е утврдено дека осомничената го довела во заблуда нејзиниот партнер и лажно пријавила дека нејзиното новородено дете исчезнало односно било одземено од непознати лица, иако знаела дека тие не се сторители на кривично дело, со што постои основано сомнение дека осомничената е сторител на – Лажно пријавување на кривично дело.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска на осомничената да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патната исправа или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање нова.

ГАК и Детската клиника ги смируваат пациентите- се е безбедно

Од Детската клиника и Клиниката за гинекологија и акушерство за медиумите потврдуваат дека знаат за случајот, бидејќи родителите реагирале и кај нив, но двете клиники тврдат дека такво бебе ниту е родено, ниту лежело кај нив.

Двете Клиники велат дека сите пациенти – деца и родителите што се во болниците, се безбедни и дека нема простор за паника и страв и дека се работи за лажна дојава.

 

МВР: Пријавата е лажна, Л.А. е приведена

Министерството за внатрешни работи ја извести јавноста дека во координација со ОЈО Скопје го расчисти случајот – станува збор за лажна пријава од страна на Л.А., утврдено е дека нема исчезнато дете на Клиничкиот центар.

  • Веднаш по добиената пријава, од страна на Единицата за насилен криминал при СВР-Скопје, а во консултација со ОЈО Скопје преземени се соодветни мерки и активности. Направени се детални проверки во системот на Гинеколошко акушерска клиника Скопје за примени пациенти, и притоа констатирано е дека Л А. последен пат е хоспитализирана во 2019 година. Исто така направени се проверки во системот на Детска клиника и притоа не е забележано новородено дете како што пријави Л.А., соопштија од МВР.

Истражителите отишле и кај нејзиниот матичен лекар, според документите Л.А. била во неговата ординација на преглед на 08.03.2023 година, но не била бремена.

Измислени киднапери неуспеале да грабнат малолетничка

Минатата недела, обвинителството поведе постапка против 20-годишен скопјанец кој лажно пријави грабнување на малолетничка. Признал дека го измилсил настанот водејќи се од лажни објави кои се споделуваат на социјалните мрежи за наводни киднапери.

Јавното обвинителство апелира да не се шират дезинформации кои имаат за цел да ги вознемират граѓаните.

На 17-ти ноември 2023, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 20-годишен скопјанец осомничен дека сторил – Лажно пријавување на кривично дело од член 366 став 4 од Кривичниот законик. За осомничениот веднаш се предложени и мерки на претпазливост- забрана за напуштање на живеалиште и обврска повремено да се јавува на определено службено лице во судот.

Осомничениот, иако знаел дека не е сторено, лажно пријавил кривично дело – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, односно пријавил во СВР Скопје дека забележал комбе со сива боја со непознати регистарски ознаки од Република Германија во кое имало две лица кои се обиделе да грабнат малолетничка, но не успеале.

Во извршен разговор во полициска станица тој признал дека го измислил настанот, водејќи се од лажните објави кои деновиве се споделуваа на социјалните мрежи за наводни киднапери.

По проверките Јавен обвинител утврдил дека лицата чии фотографии се споделуваа на социјалните мрежи се сторители на кривични дела – кражби во друга држава и тие во изминатиот период воопшто не престојувале на територијата на државава.

Спасовски најави жестока реакција од институциите

Со лажни вести од политчки или други мотиви, посебно пред избори има обиди да се девалвираат институциите и одредени личности, но се нанесува штета на државата, вели министерот Спасовски, за вчерашната лажна вест дека на Детската клиника во Скопје исчезна бебе. Тој потсети дека и во претходните изборни циклуси се отвораа теми за мигранти, за грабнување на деца и други активности  кои предизвикуваат страв кај граѓаните.

  • „Кога доаѓа време за избори, во Северна Македонија ни се случуваат вакви работи мотивирани од одредени  структури и личности. Не мора да се само политички мотивации, може да се и од други аспекти“, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.  
  • „Се направија проверки на Клиниката за гинекологија и акушерство, се направи проверка на Детската клиника и кај матичниот гинеколог на пријавителот. Се утврди дека е лажна вест, лицето е приведeно и ќе понесе одговорност. Апелирам со вакви работи кои предизвикуваат немир, неспокој кај граѓаните, да не се служиме бидејќи ќе има жестока реакција од институциите“, вели Спасовски.

Информацијата дека исчезна петмесечно бебе од Клиниката за детски болести ја пренесоа некои медиумите откако за случајот се пишуваше и  на социјалните мрежи. Сепак, Спасовски смета дека извор на ваквите лажни вести не се медиумите.

-„Ова не е работа што ја шират медиумите и медиумските работници, туку социјални мрежи, политичари, политичките партии и од секој можен аспект гледаат како да направте некаква штета“, рече Спасовски.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во војна кој нарачува лажни анктети, а кој лажни документи

Дејан Дејан

СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа на пропагандата од груевизмот, опозицијата најави тужба за клевета за лажни вести со фалц документи презентирани од владеачката партија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе