Култура

„ МОТ“ по 48 пат од 8. до 18. ноември

Годинашново, 48-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „ Млад отворен театар“ ,  ќе се одржи од 8 до 18 ноември, со вкупно 29 театарски настани, претстави, работилници, промоции и мастерклас предавања, велат од МКЦ.

  • Фестивалот се отвора со домашна продукција – претставата „Декамерон“, во режија на Мартин Кочовски на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Од италијанскиот хуманизам, следниот ден на сцена го гледаме рускиот реализам, „Браќа Карамазови“, претстава со која режисерот Оливер Фрљиќ, по девет години се враќа на сцената на „Загребско казалиште младих“ – ЗКМ. Претставата е работена во два дела, како две засебни претстави, заедно заокружувајќи се во една претстава. Па така, публиката ќе има можност да одбере дали ќе го гледа првиот, вториот или двата дела, велат организаторите на МОТ.

Достоевски е мотив и за крајот на вечерните театарски продукции, каде што ќе биде изведено „Евангелие по Ф.М. Достоевски“, во режија на Јернеј Лоренци, а во изведба на Српски народен театар од Нови Сад-Србија.

МОТ ја продолжува минатогодишната иницијатива за поддршка и промоција на домашната независна сцена.

  • И оваа година МОТ ја доделува наградата БИШ, иницијатива која ја започнавме минатата година, како дел од нашите заложби за поддршка и промоција на домашната (пред сè) независна сцена. На отворениот повик се пријавија 25 театарски претстави од домашната независна продукција, а на фестивалот ќе бидат прикажани шест селектирани претстави.  Оценувањето на претставите го прави тричлено меѓународно жири“, вели Русе Арсов од тимот на МКЦ.

Како дел од ова програма, премиера ќе има и претставата „Поол“ во режија на Шенај Мандек, а во копродукција меѓу минатогодишните добитници на наградата БИШ- „Артопиа“ и „Хибрид“.

Ќе биде прикажана и претставата „Геа“ во продукција на ErosAntEros од Италија, меѓународна копродукција во која учествува и МКЦ/МОТ фестивалот, а која е реализирана како најдобар проект на EFFEA програмата за 2023 година. Во рамките на официјалната програма се и продукции од Естонија, Словенија, Германија, Чешка, Турција и Македонија.

Кон крајот на фестивалот, како потсетување на сцената во Железничката зграда во Скопје, ќе биде изведен перформансот/инсталацијата „Градот како сцена II – приказна за шетачот“, како продолжение на истражувањето претставено во рамки на националниот павилјон на Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс дизајн и простор во 2023 година. По овогодишното претставување, кое партнерски го реализираа ФРУ и МОТ фестивалот, во рамките на оваа тридневна програма ќе гостуваат водечките лица на Прашкото квардинале.

„Скриената улога на продуцентот“ е насловот на мастеркласот што ќе го одржи Душан Пернат,  долгогодишен продуцентот и менаџер за турнеи на Словенско младинско гледалишче од Љубљана. Придружната програма е збогатена и со промоција на монографијата за Коле Чашуле од проф. Ана Стојановска, работилница на режисерот Мираз Метин, а во соработка со „Локомотива“ од Скопје, ќе биде реализирана и дискусија – кураторски разговори „Институција која недостасува/Дијалог кој недостасува“.

Годинешната програма на фестивалот е поддржана од Министерството за култура со 3.900.000 денари, Градот Скопје со 650.000 денари, а преку партнерства, фондови, амбасади и министерства на други држави, за достојно одржување на фестивалот обезбедени се дополнителни 2.300.000 денари.

Дизајн на постерот на фестивалот е Бабак Сафари – графички дизајнер од Иран.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Дино Имери: Шопен за мене е предизвик заради дилемите околу интерпретацијата на неговите композиции

Дејан Дејан

58 МТФ „ Војдан Чернодрински“ со 11 претстави во натпреварувачката програма

Дејан Дејан

Евровизија во Малме оваа година мета на скандали

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе