Борба против Лажни вести

Нападот на Хамас врз Израел цел на креаторите на лажни вести на социјалните мрежи

Eдна недела по нападот на Хамас врз Израел (07.10.2023) на социјалните мрежи се појавија објави со погрешни тврдења и лажни фотографи, чијашто содржина обилуваше со поддршка за милитантите на Хамас.

Платформата Мета јави дека отстранила или означила како вознемирувачки повеќе од 795.000 содржини на хебрејски или арапски јазик на три дена по нападот.

Откако Европската унија ја критикуваше социјалната мрежа дека не прави доволно за борба против дезинформациите, платформата Мета во петокот (13.10.2023) објави дека презема чекори, вклучително и отстранување на пофалбите и значителната поддршка за Хамас од неговите платформи.

ТикТок

ЕУ го предупреди и ТикТок за „дезинформации“ што се шират на платформата по нападот на Хамас врз Израел. Во писмото го повика извршниот директор на ТикТок, Шоу Зи Чу „итно да ги засили“ напорите и да објасни „во следните 24 часа“ што се презема за  усогласување на објавите на мрежата ТикТок со европското право. Откако на социјалните мрежи беа забележани значителен број на објави со дезинформации за конфликтот, вклучувајќи посебно изработени фотографии и погрешно означени видеа, ЕУ ги предупреди X (поранешен Твитер) и Мета за такви содржини.Се акцентира дека ТикТок треба да внимава на својата популарност кај младите луѓе.

Еврокомесарот Тиери Бретон во објавата на X напиша: „ТикТок има посебна обврска да ги заштити децата и тинејџерите од насилна содржина и терористичка пропаганда, како и од смртни предизвици и потенцијално опасни содржини по живот“. Бретон побара и од Х и Мета да докажат како презеле „навремена, вредна и објективна акција“.

Мета

Сопственикот на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, односно на Мета, Марк Зукерберг, исто така, доби слично предупредување постоечки објави со дезинформации, но и рок од 24 часа од ЕУ, да ги отстрани истите.ЕУ одби да коментира дали добила одговор од Мета, но портпаролот на Европската комисија рече дека „контактите се во тек“ со тимовите за усогласеност на компанијата.

Од Мета одговорија дека се свесни за заканите на Хамас за емитување снимки од заложниците и дека брзо ќе ја отстрани секоја таква содржина и ќе спречат повторно споделување на содржините. Па така додека Хамас е забранет од платформите, Мета дозволува социјален и политички дискурс, како што е известување за новости, прашања за човековите права, како и академски, неутрални и критички дискусии.

„По терористичките напади на Хамас врз Израел во саботата, брзо воспоставивме центар за специјални операции составен од експерти, вклучително и течно говорители на хебрејски и арапски јазик, за внимателно следење и одговор на оваа ситуација која брзо се развива“, рече портпаролот на Мета во изјава за Би-Би-Си.

„Нашите тимови работат деноноќно за да ги зачуваат нашите платформи безбедни, да преземат акција за содржина што ги прекршува нашите политики или локални закони и да се координираат во проверката на факти од трети страни во регионот за да го ограничат ширењето на дезинформации. Ќе продолжиме со оваа работа додека се развива овој конфликт“, вели портпаролот на Мета.

Х

Х доби временски рок од 24 часа во вторникот (10.10.2023). По што извршната директорка на фирмата Линда Јакарино издаде налог да бидат отстранети или означени „десетици илјади содржини“.

Јакарино изјави дека биле отстранети стотици објави. Извршната директрка на X, информираше дека компанијата ги „редистрибуирала ресурсите и ги рефокусирала внатрешните тимови“ да се занимаваат со проверка на содржината.Според неа Х одговорил на повеќе од 80 барања во ЕУ за отстранување на содржината, како и додавање забелешки на одредени објави, на кои им се дава контекст.

„На X се прикажуваат повеќе од 700 уникатни забелешки поврзани со нападите и настаните кои се одвиваат“, напиша таа.„Овие забелешки се прикажуваат на дополнителни 5.000+ објави што содржат соодветни слики или видеа. Овој број автоматски расте доколку релевантните слики и видеа се користат повторно во нови објави“, рече Јакарино.Во меѓувреме, како одговор на тврдењето за „незаконска содржина“ од ЕУ, Јакарино кажа дека Х „не добила никакви известувања од Европол“.

Европска регулатива

ЕУ во август 2023 година воведе нови закони со кои се регулира видот на содржина што е дозволена онлајн.Законот за дигитални услуги (DSA) бара од таканаречените „многу големи онлајн платформи“ проактивно да ја отстранат „незаконската содржина“ и да покажат дека презеле мерки за да го сторат тоа доколку се побара. DSA и дозволува на ЕУ да спроведе интервјуа и инспекции и, доколку не е задоволна, да продолжи со формална истрага.

Ако одлучи дека платформата не се придржувала или не ги решава проблемите што ги идентификувала и ризикува да им наштети на корисниците, Европската комисијата може да преземе подрастични чекори. Ова може да вклучува висока парична казна, а како последно средство може дури и да побара од судиите привремено да ја забранат платформата од ЕУ.

Целта е да се отстрани содржината што јасно ги идентификува заложниците земени од Хамас, дури и ако тоа е направено за да се осуди или да се подигне свеста за нивната лоша состојба.

Сè уште е дозволена содржината со затемнети фотографии на жртви, но компаниите е потребно да дадат приоритет на безбедноста и приватноста на жртвите на киднапирањето.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во војна кој нарачува лажни анктети, а кој лажни документи

Дејан Дејан

СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа на пропагандата од груевизмот, опозицијата најави тужба за клевета за лажни вести со фалц документи презентирани од владеачката партија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе