Учениците од прво, второ и трето одделение во 2014 година ја имаа честа да бидат првите кои во своја рака ги фатија новите учебници по математика и природни науки, според Кембриџ програмата. Тие почнаа да учат да бројат по нова програма, а издавачките куќи и денес бројат пари од тендерите.
Новите испишани страници од радикалната образовна реформа во историјата на македонското образование ги испечати фирмата Арс Ламина. Од тогаш оваа издавачка куќа заедно со издавачката куќа Арбериа, која ќе започне да зема поголем дел од колачот подоцна се главните играчи во откупот на учебници и работни материјали по Кембриџ програмата.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е таа која го отвори патот за нивниот монополски статус бидејќи овие две издавачки куќи ги имаат авторските права за за учебниците “по Кембриџ”.
Првата кочница за оваа програма неколку години подоцна ќе ја притисне тогашната министерка Рената Дескоска, која нема да дозволи проширувањето на Кембриџ да да дојде до средношколските клупи.
Нејзината наследничка на функцијата Мила Царовска ќе биде порадикална и во 2020 година ќе воведе нов концепт на образование со што Кембриџ учебниците по неа ќе започнат да заминуваат во историјата. Но, тоа не се случува преку ноќ.
Учениците од седмо, осмо и деветто одделение се уште ги листаат страниците со логото на Кембриџ, додека не се заменат по новата програма, а а тендерите и натаму си врват и на двете издавачки куќи секоја година им носат милионски суми.
„Кембриџ програмата е добра, но е погрешно имплементирана. Целата постапка е нестручна од подготовката на учебниците, до нивното издавање“, велат извори од Бирото за образование за КОД.
Процесот е комплексен, но наједноставно и кратко кажано е дека тој започнува од Бирото за развој кое е задолжено да ја направи програмата. Потоа Педагошката служба при МОН обајвува повик за одобрување на учебници. Комисија за рецензенти која е избрана од службата на повик, ги одобрува учебниците, а крајниот збор го има Националната комисија за учебници именувана од Владата.
Сомнежи за авторски права и цени
Екс министерката Царовска е првата која ќе се посомнева за целиот процес на воведување и избор на т.н. кембриџ-учебници во основното образование. Таа ќе побара докази од издавачките куќи за авторските права на учебниците, но никогаш нема да ги добие.
Притоа Комисијата за ревизија формирана во МОН утврдила дека во процесот на одобрување на т.н. кембриџ-учебници имало книги кои иако имале повисоки поени не добиле одобрение за употреба, додека други учебници добиле такви решенија иако имале пониски оценки.
Тоа ни го потврдија и од Бирото за развој на образование.
„Бирото дава мислење дека учебникот не е усогласен со програмата, а националната комисија тој учебник го избира“.
А зошто и покрај тоа што Арс Ламина и Арберија не доставиле докази за авторските права за учебниците по Кембриџ програма и тие и понатаму се набавуваат од нив, од МОН се правдаат со законот.
„Согласно Законот за учебници во основно и средно образование, секој учебник кој е одобрен да се применува, а во сопственост е на некоја издавачка куќа, се обезбедува со откупување на потребниот тираж на учебникот од таа издавачка куќа, сè додека на сила е одлуката за одобрување на учебникот. Овој систем етапно се менува. Односно со реформата на основното образование се обезбедуваат нови наставни програми и учебници за кои МОН ги поседува авторските права, така што не треба да ги откупуваме од некоја издавачка куќа. Преостанати се уште учебниците за седмо, осмо и деветто во сопственост на издавачки куќи, но и тоа ќе се промени“, велат од МОН.
МОН не ги открива цените
Без ралика на квалитетот на учебниците Арс Ламина и Арберија се уште ги тријат рацете од склучените договори. Но, колку точно наплатиле по учебник и колку учебници испорачале, не е објавено на електронскиот систем на Бирото за јавни набавки, туку само сумата на целиот тендер.
Но, министерот Јетон Шаќири во пишано интервју за КОД, дека информацијата е апсолутно неточна.
„Во неколку наврати ги споделивме информациите за тоа колку учебници се набавени во изминатите 5 години, одделно за секоја година. Договорите секогаш се објавуваат на Бирото за јавни набавки Тоа се рамковни спогодби во кои има наведено буџет според проценките, но не значи дека целиот тој буџет ќе се искористи. Зависи од потребите што се предвидени, но и од тоа што дополнително ќе се појави како потреба“, вели Шаќири.
Во овие бројки на МОН сепак е содржана само вкупната бројка на учебици без конкретни детали. Факт е дека содржината на склучените договори е на очиглед на сите, но јавноста сепак нема увид во цената и бројката на учебници по издавач, Најчесто само стои дека тоа е во прилозите на договорите на дополнителната документација, всушност недостасува. Притоа ни МОН не ни ги достави овие информации.
Исклучок е само тендерот зa учебната 2018/19 година. Бројките покажуваат дека Арберија се офајдила многу повеќе од Арс Ламина, иако имала помала набавка на учебници и работни материјали.
Од Арбериа биле нарачани 228.384 учебници и работни тетратки по природни науки, биологија, и физика. Еден учебник по природни науки за четврто одделение тогаш ја чинел државата 830 денари. Додека пак работната тетратка по истиот предмет 357 денари.
Арс Ламина набавила 457.378 учебници и работни тетратки по природни науки по природни науки, математика и хемија. На пример за учебник по математика за четврто одделение наплатиле 480 денари., а за работна тетратка за истиот предмет 224 денари.
Значи Арбериа за учебник и тетратка по природни науки за 4 одделение наплатила вкупно 1187 денари. Додека пак Арс Ламина за математика и тетратка за 4 одделение 704 денари.
Арс Ламина имала поевтини цени од Арберија за сите учебници и работни тетратки.
„Тие учебници беа некаде 200, 300 денари максимум цена. Зошто се скапи учебниците преку Кембриџ програмата и воие странските кои што се носат, зошто тие се 16, 17 евра. Да се отпечати еден таков учебник во тираж од неколку илјади примероци не чининеше повеќе од 70 денари пред инфлацијата. Вие под изговор на авторски права да стигнете до цената од 16,17 евра од 1 евро, 16 пати повеќе, а истовремено унивезитетските учебници со иста хартија или сл да се продават по 10-12 евра од истите издавачки куќи на запад говори нешто. Што е тоа-интересот на определни структури, вели Ристо Малчески, универзитески професор во пензија и член на стручни комисии за одобрување на учебници.
На прашањето дека учебниците се откупуваат со непосредна спогодба, што остава простор за сомнеж за корупција и зошто нема утврдено каталошка вредност, министерот Шаќири одговара дека законите дозаволуваат такви постапки кога некој поседува ексклузивни права над некое материјално добро или услуга.
„Преостанати се уште учебниците за седмо, осмо и деветто кои се во сопственост на овие и други издавачки куќи. Но и тие од следна година ќе се заменат и ќе бидат новите во сопственост на МОН, така што ние ќе ги печатиме и нема да ги откупуваме по цени кои ги наложуваат други. Секако и ние ќе треба да ги испорачуваме. Ќе се обидеме така да функционираме, но доколку се оцени дека работата е отежната и ако е практично и економски поисплатливо можеби ќе направиме измени на Законот за учебници со цел оваа работа – печатење и дистрибуција да ја преземат издавачките куќи, а сепак правата над учебниците да останат наши за да нема менување на цената како што некој друг ќе посака“, вели Шаќири.
За според во Србија учебниците имаат каталошка вредност и се далеку поевтини од македонските кои се набавуваат на тендер.
„Станува збор за фирми кои што се или партиски или доволно вешти да се врзуваат со владејачките гарнитури“, смета Малчески.
Кој стои зад Арберија и Арс Ламина?
Арбериа Десигн Тетово е основана во 1998, а нејзин сопственик е Хасим Хамзаи. Според извештајот кој го објави Државниот завод за ревизија, Арбериа на партијата ДУИ во 2015 година и донирала 20.000 евра. Најголем дел од тендерите на Арбериа се од институциите раководени од ДУИ.
Ина Арбериа само лани има добивка од 1,6 милиони евра или повеќе 50 отсто од вкупните пригоди на куќата.
Арс Ламина а основана е во 2006 година. Нејзин управител е Горан Црвенковски, а сопственици се Слободан Голубовски и Дарко Фидановски. Тие имаат поскромна заработка од нивниот ривал лани, односно околу 170 илјади евра.
Двете издавaчки куќи од 2014, па досега од тендери за откуп на учебници и работни материјали за основно и средно образование собрале речиси 40 милиони евра.
Се прави ли обид за фаворизација на Арс Ламина и Арберија во пазарот на набавка на учебници по странски јазици. Сомнежот во јавноста се отвори откако по огласот на МОН во март годинава за одобрување на учебници по странски јазици, кој подоцна беше поништен.
МОН тогаш пропиша апликантот да има релевантни сертификати и во секоја од минатите три години да има по 20 милиони денари годишен приход.
На таа постапка се побунија ексклузивни дистрибутери на познатите издавачки куќи „Оксфорд“, „Пирсон“ и „Експрес Паблишинг“. Преку упатство на МОН за прв пат беа ставени вакви услови во оглас за одобрување учебници, кои дистрибутерите не ги исполнуваа и со тоа од страт би биле дисквалификувани.
Во писмото до министерот Шакири, дистрибутерите наведоа дека повикот на МОН е фаворизирачки кон две издавачки куќи, а дискриминаторски кон другите.
„Парите се најважни,. Никој не мисли од какви учебници децата ќе учат“, велат извори од Бирото за образование.
По реакциите во мај беше објавен нов повик, кој се уште е во тек и кој е по старите услови. Шаќири тврди дека МОН не може да фаворизира одредена издавачка куќа.
„Постојат закони, процедури и дали се почитуваат или не, лесно може да се провери “ посочува министерот.
Претходната постапката беше запрена ос трана на Царовска. И додека новиот избор на учебници трае, децата учат од партлави учебници, некои издадени и во 2005 година.
„ Наставниците се снаоѓаат. Имаме по двесетина ученици по генерација и наставниците ги шетаат од одделение до одделение кога може да искористат некои делови од нив“, вели директорката на основно училиште Лазо Ангеловски, Магдалена Петреска
Со тоа, директорката Петреска додава дека се губи квалитетот на образованието.
„Навистина е голем предизвик и проблем да се изведува наставата по странски јазик“, смета Петреска.
На сите прашања за оваа сторија од Арс Ламина ни одговорија кратко со еден одговор.
„Како најголема издавачка куќа во Македонија, особено во делот на образованието, секако дека учествуваме на повеќето конкурси и јавни набавки распишани од страна на Министерството за образование и наука. Соработуваме со најреномираните издавачки куќи во светот, како што се на пример Cambridge University Press за англиски јазик, Hachette Livre за француски јазик, Hueber за германски јазик и заедно со нив сме настапиле на сите конкурси за учебници по странски јазици кои биле распишани. Договорите кои сме ги склучиле со МОН, потпишани од десетина различни Министри низ годините наназад, се доказ за квалитетот на изданијата и нивната навремена дистрибуција до сите училишта во државата“, одговорија од Арс Ламина.
Во меѓувреме Шаќири вели дека веќе се формирани рецензентските комисии кои ги разгледуваат пристигнатите предлог учебници. Тој притоа уверува дека многу скоро ќе имаме учебници по странски јазици и ќе се стави крај на овој предизвик. А останува отворено прашањето дали истите играчи ќе бидат победници и во овој предизвик.
Марија Митевска
