И министерката за труд Тренчевска како нејзиниот колега вицепремиерот Битиќи е зачудена од каде излегол предлогот на синдикатите, платите на сите во јавниот сектор да пораснат за 14 проценти. Тие вчера на состанокот предложиле, функционерите да се откажат од 78 процентното покачување и до примената на новата методологија за плати, заедно со сите во јавниот сектор да добијат зголемување од 14 отсто. Но, властите тврдат дека за такво нешто до сега не се разговарало. Повторија дека се бара системско решение, а функционерските плати не биле предмет на дискусија.
- Не знам од каде 14 отсто, до сега не се разговарало за 14 проценти, туку за систем за плати , и да не заборавиме дека на дел од државните службеници платите беа зголемени за 2.175 денари, вели министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
Од ССМ пак сметаат дека зголемувањето од 14 проценти кое го бараат е логично, а не е човечки тоа што функционерските плати се зголемија за речиси 80 отсто.
- Доколку функционерите се откажат од 78 проценти зголемени плати, секој вработен во јавниот сектор би добил по 1.500 денари во нето на неговата сметка. Треба да бидат солидарни во овој моментл, вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Синдикатот и Владата со различни бројки и за работните часови на оние кои ќе бидат ангажирани на новите автопати на Бехтел и Енка. Калкулаторот на министерката Тренчевска пресметува помалку работа, од оној на ССМ.
- Работното време е 40 часа, со дополнително 8 часа најмногу во неделата за стратешки приоритети се дозволува кога временските услови се добри да се работи над овие 48 часа, но никаде не пишува 72 часа, додава Тренчевска.
- Жал ми е што математиката на министерката е друга, што избегнува само да каже 72 часа, вели Трендафилов.
Утре следат нови преговори за платите. Овој пат во министерството за финансии. Но, револтот кај работниците е голем и според нивните прогнози, ќе следат протести. По УЈП и Царина, утре на улица излегуваат и од скопските судови.
Ирена Чачкова
