На евтина струја преку ден на први декември ќе можат да перат и готват само околу 170 илјади домаќинства, оние кои имаат дигитални броила. За останатите 650 илјади кои имаат стари струјомери, ќе треба да помине одреден период, за рачно да се програмираат. Од ЕВН објаснуваат дека на први декември ќе стапи на сила новиот тарифен систем и претходно не може да се прави прилагодување на броилата, затоа што тоа би било против законски. Потенцираат дека и досега за вакви одлуки кои ги носела било која влада, бил потребен период на адаптација, бидејќи физички е невозможно во еден ден да се направи промена на сите броила.
Од први декември ќе влегува во сила новиот тарифен систем. До тогаш ЕВН ќе ги направи сите технички подготовки, софтверски испитувања и слично. Од 1ви декември ќе се започне со прилагодување на броилата на терен, велат од ЕВН.
Вицепремиерот Битиќи пак цврто стои на ставот – сите домаќинства на први декември да имаат евтина струја преку ден. Понуди и помош, за работата на терен да оди побргу.
Јас можам да им дадат помош, ако немаат во ЕВН ХОУМ помош ќе одам лично да ги сетирам броилата, ако тоа е проблем тие се повикани да испорачаат евтина струја за сите на први декември тоа е нивна надлежност и одговорност, вели Битиќи.
Пред неколку дена Регулаторна комисија за енерегетика, излезе со нова одлука за цената на струјата, а тогаш се соопшти и дека граѓаните повторно дневна евтина струја ќе користат од први декември, иако претходно на големо се најавуваше дека се прават анализи тоа да се случи од први јули. Дневната евтина тарифа ќе биде во период од 13 до 15 часот. Ваквата поволност беше укината пред повеќе од една година како последица на енергетската криза. Од први граѓаните добија и нова цена за електричната енергија во сите четири блока, а сметките ќе бидат и со повисоко ДДВ, кое се врати од 10 на 18 отсто.
Ирена Чачкова
