Душан Павловски е меѓу највозрасните занаетчии во старата битолска чаршија. Тој е кројач, има 85 години, а ентузијазмот не го напушта, па повеќе од половина век секојдневно го минува истиот пат од дома до дуќанот.
Вели ваква чаршијата, со затворени дуќани и спуштени ќепенци, не ја памети. Има работа, но нема интерес кај младите за учење на занает.
„Јас сум тука од 1974 година, еве 49 години. Во чаршијата немаше слободни дуќани. Јас имав и калфи ете сега нема. Имам истакнато дека барам да вработам, ама нема“ – вели Душан Павловски.
Замира старата битолска чаршија која со векови беше еден од најзначајните занаетчиски центри во Македонија.. Занаетите по кои Битола беше позната, денес се бројат на прсти, а и покрај големата невработеност, занаетчии нема.
Изумирањето на старите занаети е природен процес, но денеска не може да се најдат занаетчии неопходни во современото живеење, ниту за потребите на стопанството, ниту за граѓаните.
„Секоја година се зголемува листата на занаети коишто изумираат. Порано живееше чаршијата имаше и занаетчии и се, сега поради иселувањето и во поново време со индустријализацијата се се измена., вели Наташа Костовски, од Регионалната занаетчиска комора
Покрај масовното иселување и недостиг на подмладок во занаетчиството, состојбата драматично е влошена после КОВИД пандемијата и големата економска криза
„Многу од дејностите кои што работеле односно занаетчиите се иселуваат поради високата кирија, сега со економската криза со покачувањето на цената на струјата, со работните материјали кои им се потребни да ги изработуваат производите. Многу од занаетчиите се иселуваат надвор од државата, вели Костовски од Регионална занаетчиска комора во Битола“
Во моментот во Битола најмногу опстојуваат услужните дејности, фризери, бербери, кројачи.
Од комората бараат поголема поддршка за развој на занаетчиството, од кое во услови на голема безработица, многу семејства можат да ја најдат својата егзитенција и да се запре бранот на масовно исселување од државата.
Емилија Мисирлиевски