По долго и тешко боледување денеска на 88 годишна возраст почина еден од најпознатите тренери Мирослав Ќиро Блажевиќ.
Скоро пет децениската кариера легендарниот тренер имаше голем број на ангажмани, а почна во 1968-та во Швајцарија предводејќи го Вевеј, а преку Сион и Лозана во 1979-та се врати во поранешна Југославија и седна на клупата на Ријека.
Една година подоцна го презема загрепски Динамо каде работеше три сезони, а потоа повторно се врати во Швајцарија и седна на клупата на Грасхоперс.
На овие простори повторно дојде во 1985-тата која кусо време ја предводеше Приштина по што следуваше враќањето во Динамо.
Во следните три сезони имаше ангажман во ПАОК и Нант и во 1992-та го почна проектот Кроација Загреб (Динамо).
По две години ја презема селекторската функција во репрезентацијата на Хрватска со која успеа да стигне до третото место на Светскиот шампионат во Франција во 1998-та, а потоа работеше уште како селектор на Иран и беше ангажиран како тренер на Осијек, Мура, Вартекс, Ксамакс, Загреб, Шангај, Загреб, Слобода Тузла, беше и селектор на Босна и Херцеговина, а последниот ангажман му беше во периодот од 2014 до 2015 во Задар.
Ќиро Блажевиќ беше еден од најпопуларните тренери на овие простори, а поради успесите пред се репрезентацијата на Хрватска беше прогласен за тренер на сите тренери.
Како фудбалер немаше богата кариера. Во 1954-тата беше дел од Динамо Загреб, а потоа се пресели во Локомотива. До 1959-та го носеше дресот на Сарајево, а настапувал и Ријека. Потоа се сели во Швајцарија каде и ја почнува тренерската кариера.
Како тренер најголемите успеси ги бележи со Динамо. Во 1982 триумфира во првенството на поранешна Југославија, а една година подоцна го освои трофејот во Купот. Бил двоен шампион на Хрватска со сините од Загреб, а има трофеи како предводник на Сион, Грасхоперс, Хајдук и Слобода Тузла.
