Uncategorized Вести Најважни Спорт

Доминација по депортација – Ѓоковиќ по 10-пат го покори Мелбурн парк

Ниту повредата, ниту контроверзите околу неговиот татко, ниту ланската депортација од Австралија не застанаа на патот на Новак Ѓоковиќ кон јубилејниот 10-ти трофеј во Мелбурн парк. Во тоа не успеаја ниту момците од помпезно најавуваната „NextGen“ во светскиот тенис. И тие согореа пред еден од најголемите рекети во историјата, како малечки вселенски тела покрај голем астероид. Ако кон тоа се додадат и медиумските шпекулации за наводната брачна криза во семејството Ѓоковиќ, тогаш повеќе од јасно е со колкаво бреме отпатува новиот лидер на АТП листата на првиот гренд слем во сезоната.

Фокусот, менталната сила и непресушната желба за поместување на статистичките летвички се импресивни кај Ѓоковиќ. И тоа во, речиси, 36 година од животот. Дека се е до главата, како што вели и народната, српскиот тениски ас симболично покажа по последниот поен против Стефанос Циципас, по што се упати кон својот бокс на „Род Лејвер арената“. А, таму не можеше да ги сопре ниту емоциите, ниту солзите. Особено во прегратката на мајка му.

„Јас и Циципас доаѓаме од две, релативно мали земји кои немаат тениска традиција. Немавме премногу играчи со кои можевме да се поистоветиме. Затоа пораката за било кој млад тенисер или тенисерка кои сакаат да бидат овде каде што сме сега ние е – сонувајте, охрабрете се, не дозволувајте било кој да ви ги одземе соништата, без разлика од каде доаѓаат. Мислам дека што потешко детство имате, толку посилни станувате. Затоа негувајте ги соништата, како што негувате цвеќе“, рече, меѓу другото, Ѓоковиќ во победничкиот говор пред распродадената „Род Лејвер арена“ во Мелбурн.

Потоа се осврна и на проблемите со кои се соочил во изминатиот период, во пресрет на Австралија опен.

„Какво ли патување беше ова за моето семејство. Не знам како да почнам и каде да завршам. Ништо не сфаќам здраво за готово, но ова беше најпредизвикувачкиот турнир во мојот живот, со оглед дека не играв лани. Постои причина зошто го играм најдобриот тенис во кариерата во Австралија, пред легендарниот Род Лејвер, на овој терен. Само мојот тим и семејството знаат низ што минавме во изминатите четири-пет недели. Затоа ќе речам дека оваа е, веројатно, најголемата победа во мојата кариера“, додаде десеткратниот освојувач на Австралија опен.

Прими 7.000 терапии за сите болки и повеќе време мина во автомобил, отколку што играше на Австралија опен во изминатите 15 години, рече неговиот тренер, Горан Иванишевиќ. Детали од борбата на Ѓоковиќ, па останува да биде мистерија уште некое време. Меѓутоа, откри дека голема улога одиграла познатата докторка, Маријана Ковачевиќ. Благодарение на нејзе, српскиот тенисер ја „збриша“ конкуренцијата и го подигна победничкиот пехар.

„Сè што беше можно, направи. Знаете и за докторка Маријана која дојде од Белград, како се добиваше виза и летови за неа. Да не бев тука, ќе кажев. А, на денот на натпреварите, морате да играте навечер, имате болки, „мртви сте“. Затоа е сето ова посебно. За мене, ова е негова најголема победа“, вели Иванишевиќ.

Во успехот на Ѓоковиќ, се покажа, оти бил убеден и неговиот спонзор „Ла Коста“. Познатиот француски производител на спортска опрема, подготвен го дочека историскиот момент и пред целиот свет ја претстави горната тренерка со отпечатена бројка 22 на десната страна.

„Титулите пишуваат историја. Новак Ѓоковиќ ги освои сите турнири со упорност на крокодил и ментална сила со цврстина на челик. Но, една работа е посебна – тој продолжува да испишува историја во тенисот со освојување на 22-от гренд слем трофеј по победата во Мелбурн“, објави француската компанија, чиј бренд амбасадор е Ѓоковиќ од 2017 година, и на српски јазик на социјалните мрежи додаде „Идемо Ноле“.

Новак Ѓоковиќ ја освои 10-та титула на Австралија опен. Српскиот тенисер во финалето го совлада Гркот, Стефанос Циципас со 6:3, 7:6, 7:6, во меч кој траеше два часа и 56 минути, за јубилеен трофеј во Мелбурн парк.

Ѓоковиќ на тој начин ја продолжи и победничката низа на првиот гренд слем во сезоната на кој е без пораз четири години или 28 меча, соборувајќи го рекордот што до пред неколку дена го држеше Андре Агаси (26).

Освојувањето на Австралија опен значи и негово враќање на лидерската позиција на АТП листата и зголемување на предноста во однос освоените трофеи во Мелбург пред Рој Емерсон и Роџер Федерер кој имаат по шест.

Ѓоковиќ сега се израмни и со Рафаел Надал на листата на освоени гренд слем турнири – двајцата имаат по 22, но го мина Шпанецот по вкупниот број на турнирски победи во кариерата. Србинот сега има 93, една повеќе од шпанскиот ас. Пред Ѓоковиќ се Иван Лендл со 94, Роџер Федерер со 103 и Џимн Конорс со 109.

За победата во финалето над Циципас, Ѓоковиќ ќе инкасира и два милиона долари, а досега во кариерата заработи 164,7 милиони долари.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тодоров: СДСМ за цело време на мандатот губеше политички поени заради ДУИ

Дејан Дејан

Зеленски го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација

Дејан Дејан

ДИК ги објави првите официјални резултати од претседателските и парламентарните избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе