Вести Македонија Најважни

Одбраната на Богоев поднесе жалба – притворот е непотребен велат кривичарите

Жалба за притворот на поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев кој се гони за местење на тендер и примање награда од околу 1800 евра, поднела неговата одбрана.

Богоев заедно со уште три лица се гонат дека ја изиграле постапката и ја фаворизирале фирмата РЕМОНДИС МЕДИСОН од Битола која го добила договорот за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали вреден над 300 илјади евра.  Кривичниот суд им изрече притвор од 30 дена.

  • „Не очекувавме таква одлука особено што станува збор за предмет којшто е од финансова природа, а не насилен криминал. Ние понудивме гаранција, понудија и другите бранители за другите осомничени“, рече адвокатката на Богоев, Сања Алексиќ.

Професорот по кривично право Гордан Калајџиев смета дека притворот за ваков вид на кривични дела е непотребен, особено кога станува збор за ниска сума и кога била понудена гаранција, што вообичаено е доволно во модерните држави.

  • „Сосема непотребно се определува притвор што понатаму има непожелни последици. Ниту има реална основа за бегство, ниту има можност да се влијае на доказите, а најмалку да го повтори делото со тоа што се работи за дела сторени од функција од која што е поминато некое време и или има докази за тоа или нема. Мислам дека и на обичните граѓани им е јасно дека во овој тип ан криминал воопшто нема потреба од притвор“, вели Калајџиев.

И Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнел вели дека кога се обезбедени сите документи и докази притворот како мерка не е неопходен и гаранцијата е доволна, настрана од прашањето за кого станува збор. И од организацијата и во минатото кога се носеле законите укажувале дека треба да се настојува да се применуваат и други мерки кои се на располагање како гаранцијата, кога има потреба од обештетување.

  • „Најчесто се одзема секаков имот и се блокираат сметки кои што многу често се со поголем износ од кој што треба да се обезбеди како обештетување. Значи зборуваме за принцип. Мерката притвор не треба да се применува во случаите на економски криминал каде што се е завршено веќе. Значи нема дејствија со кои може делото да се повтори. Целата ситуација е заокружена и завршена и веќе е утврдена и констатирана и нема на што да се влијае или што да се оштети или едноставно да се направи недостапно од доказите кои што се потребни“, смета Тасева.

Калајџиев не се согласува и со носењето на осомничените со лисици кога станува збор за ваков криминал и е злоупотреба на полициските овластувања и го повикува министерот Тошковски да образложи.

  • „Ние имаме скоро по правило за сите дела за кои што има интерес во јавноста државата да покаже сериозност со тоа што луѓето ќе ги стави во притвор и ќе ги носи со лисици и по правило се покажува дека во најголем дел од случаите со оглед на тоа што судењата се спори завршуваат на крај да се бранат од слобода, дури и без гаранција“, додава Калајџиев.

Обвинителката Искра Хаџивасилева изјави дека ќе се обезбедуваат и дополнителни докази и нивните проценки во моментот го оправдуваат барањето за притвор. Притворот се бараше поради опасност од бегство и да не се влијае на сведоците.

Марија Митевска

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почина Хазарос Сурмејан, балетски уметник и кореограф

Дејан Дејан

Банките во судир со Славески и Кочоска заради новите банкарски ценовници

Дејан Дејан

Започнува подготовката на Стратегија за развој на туризмот 2027-2032

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе