Филмови

Шварценегер, Сталоне и тимот акциони херои; Џенифер Лоренс, Бред Пит, Шерлиз Терон, Пирс Броснан; вистинските приказни за Асанж и Џеси Овенс, Снешкоград- празнични филмови на Телма

Пред Нова година снежни авантури, после Нова Година трилери и вистински приказни за разузнавачките игри, за ноќта на 1-ви јануари, хероите на акциониот жанр во заедничка авантура и револуцијата на Мокингџеј.

Богатата филмска програма на Телма ќе ви донесе познати актери, големи херои од реалноста, новогодишни приказни, но и крими драми и приказни за револуцијата.

Акционите херои се собрани на куп во второто продолжение на „Платеници“ (The Expendables 2). Силвестер Сталоне го глуми Барни Рос кој наместо да ги слуша советите на лекарите по тешката кариера на специјалец си го собира тимот за нова мисија доделена од ЦИА. А во тимот се и Џејсон Статам, Џет Ли, Долф Лундгрен, Чак Норис, Жан-Клод Ван Дам, Брус Вилис, Арнолд Шварценегер, Скот Адкинс. Платеници 2 на Телма во 21:35 на први јануари.

Откако мускулите ќе завршат, на Телма ќе заблеска оскаровката Џенифер Лоренс во главната улога на утописката акциона драма „Игра на гладните“. Ќе се бори во играта до смрт за да стане Мокингџеј, симболот на новата револуција меѓу жителите на 13 реони во Панем, приказна раскажана во овој фантастичен еп. Меѓу другите актери кои се појавуваат се и Вуди Харелсон, актерот-музичар Лени Кравиц, младите Џош Хачерсон, Лиам Хемсворд, ветеранот Доналд Сатерленд и многу други.

Новогодишната филмска програма ќе започне наутро за најмладите гледачи на Телма со домашен анимиран филм. Снешкоград- неверојатна, возбудлива и како и секогаш – непредвидлива новогодишна авантура со имилените Биби и Боби. Биби и Боби патуваат со снешкото Гого кон Снешковград за таму да ја пречекаат Новата година. Како ќе си поминат, на Телма на 31-ви декември во 19:25 часот.

Утринската програма во последниот ден од годината ќе го донесе „Момчето фантом“ (8:30 на 31.12.2022.), а во попладневните часови на Телма е за романтичната новогодишна комедија кога двајца пријатели ќе се обидат да стигнат дома за празникот користејќи ги „Сите патишта водат до Божик“ (16:15 на 31.12.2022.)

Почетокот на Новата Година, Телма го збогатува со два разузнавчки трилери. Почнува со Шарлиз Терон која е „Атомската Блондинка“, агентка на британската тајна служба, испратена сама во Берлин за да достави непроценливо вредно досие. Во тимот на филмот кој ќе се емитува во 01:00 часот на први јануари се и Џејмс Мекавој и искусниот Џон Гудман.

Веднаш по нив е вистинската приказна за Жулијан Асанж и Викиликс. „Тајните на петтиот сталеж“ ги носи талентираниот Бенедикт Камбербач (во улога на најпознатиот откривач на тајните на ЦИА, Асанж) со поддршка на Даниел Брул (го глуми партнерот во Викиликс Даниел Домшајт-Берг).  Возбудливата приказна за бегањето на Асанж низ светот иако на човештвото ги открива најтемните тајни на најголемата светска сила, ќе се емитува на први јануари во 03:00 часот, на Телма.

Анимираниот филм „Мирај“ е во недела во 08:30 (01.01.2023.). Четиригодишниот Кун ќе добие сестричка Мираи, а нејзиното име значи – иднина. Неговата прва емоција ќе биде како и што се очекува – љубомора. За да се ослободи од неа, му се случуваат чудни настани и волшебни патувања.

Веднаш потоа е приказната за „Спејсбој“ и 11-годишниот Џим, талентирано момче вљубено во вселената и науката. Пристигнувајќи со својот татко во нов град, Џим треба да учествува на натпревар за млади научници со неговата нова соученичка Ема. Како напредува нивниот пат во освојувањето на вселената, на први јануари во 10:40, на Телма.

Програмата на Телма не ја пропушта ниту Дениел Крејг (последниот Џемс Бонд).Тој е дел од актерскиот ансамбл во „Среќните Логанови“, филмска акција со брзи кругови на тркачки автомобили зад кои се крие грабеж на тркачката патека во Шарлот, Каролина. Логанови се во ударниот термин, првиот ден од годината веднаш по вестите на Телма во 19:15 во недела.

Понеделникот е продолжение на празникот, но и продолжение на филмските авантури. Почнува во 1:45 со „Далеку од луѓето“, воена драма во која ветеран треба да пренесе затвореник низ пустината во Алжир и да го предаде на француската колонијална полиција. Продолжува (3.30. на 02.01.2022.)  со уште една „африканска“ акција кога маринец од Америка ја бара киднапираната жена низ Мароко за да реализира „Ден за откуп“. Главен актер e Гери Дурдан, познат по впечатливата улога во почетните сезони на криминалистичката серија CSI.

Во 10:10 во понеделник е францускиот авантуристички филм за најмладите, „Рашири ги крилјата“, приказна за Томас кој се обидува да спаси младо јато гуски кои ги гледа од нивното изведување од јајцата. Следува приказната за „Црвеното куче“, снимена по вистиита приказна за миленик на целиот град. Ќе се емитува на Телма во 16:15 во понеделник на 02.01.2023.

Вечерта носи нови филмски приказни. Патиштата на Пирс Броснан, Селма Хајек и Џесика Алба ќе се вкрстат на Телма во „Љубовта на англиски начин“ во 19:15 во понеделник (02.01.2023.). Ричард (Пирс Броснан) тргнал по стапките на својот татко како професор по литература во Кембриџ. Откако се вљубил во Кејт, студентката од Лос Анџелес, кај која се сели и влегува во мистериите на љубовниот триаголник.

„Папијон“, новата верзија на „Пеперутка“ е во ударниот термин во 22:15 на 02.01.2022. Во чевлите на легендарните Пол Њумен и Дастин Хофман влегуваат новите ѕвезди Чарли Ханам и Рами Малек (оскаровски познат по глумењето на Фреди Меркјури од групата Квин). Папијон (прекар добиен по тетовираната пеперутка на грбот) е ограбувач на сефови во Париз но во судирот со помоќните добива доживотна казна на далечниот остров во Атлантикот каде се спријателува со кревкиот фалисфикатор Луи Дега, и заеднички се обидуваат да ги урнат границите на затворот кој нема решетки туку океан.

И Бред Пит ќе се појави на Телма во 00:35 на 3-ти јануари. Заедно со легендарните актери познати по улоги на гангстери, Реј Лиота (Добри дечки) и Џејмс Гандолфини (Сопранови), во „Убиј ги нежно“, Пит, доверлив втерувач на долгови, ќе се обиде да го врати нарушениот ред во организацијата на покер-турнири, под закрила на мафијата.

Во 02:15 (вторник 03.01.2023.) на ред се Гери Олдман и Олга Кириленко во „Курирот“ кој го носи оружјето за атентат на единствен сведок против озлогласен криминалец.

Филмскиот маратон за вториот ден од празникот го завршуваат легендарниот Николас Кејџ кој со филмската партнерка Фамке Јансен се обидуваат да развијат сопствен „Предаторски инстинкт“ и да преживеат во битката и со крволочни криминалци и со ослободени крволочни диви животни на бродот на кој патуваат. Во вторник на 3-ти јануари во 03:55 на Телма.

Деталната програма со сатници можете да ја погледнете на следниот линк.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СРЕЌНИТЕ ЛОГАНОВИ – недела, 05 мај 2024 – 23:50

Дејан Дејан

ЌЕ СЕ ГРИЖАМ ЗА ТЕБЕ – сабота, 04 мај 2024 – 22:15

Дејан Дејан

ФЕСТИВАЛOТ НА РИФКИН – сабота, 04 мај 2024 – 19:40

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе