Uncategorized Вести Македонија

Коалиција за правично судење за предметот „Транспортер“: Судскиот процес траеше пет години, а, сепак, заврши со голем број на алтернативни мерки

Судскиот процес за предметот „Транспортер“ траеше пет години, а, сепак, заврши со голем број на изречени алтернативни мерки, се вели во реакцијата на Коалицијата за правично судење по денешната одлука на скопска Апелација да ја намали казната на екс-градоначалникот на Битола, Владимир Талевски за една година од 8 на 7 години затвор.

За една година е намалена казната и на поранешниот секретар на општината, Слободан Бончановски. Деветмина обвинети во „Транспортер“ за злоупотреба на службената положба кои Кривичен им пресуди затворски казни од 2 до 3 години, Апелација им ги смени во условни. Предметот „Транспортер“ се однесуваше на злоупотреби со ученичкиот превоз во Битола, а првостепената пресуда судијката Добрила Кацарска ја објави во март во 2020 година.

Од Коалицијата за правично судење изразуваат загриженост од повторно изрекување на невообичаено висок број на алтернативни мерки – условна осуда за кривични дела поврзани со организиран криминал и корупција, особено во случаи во кои обвинети се политички експонирани лица.

Притоа од таму се повикуваат на член 41, став 1, точка 3 од Кривичниот законик (КЗ) во кој се вели дека за „кривично дело за кое како најмала мерка на казна е пропишан затвор во траење до пет години, казната може да се ублажи до три години, во случаи во кои постојат особено олеснувачки околности кои укажуваат дека и со ублажената казна може да се постигне целта на казнувањето“.

„Во секој случај, согласно КЗ, минималната казна која може да биде изречена доколку постојат такви околности за ова конкретно дело е три години затвор. Согласно член 50 од Кривичниот законик, еден од условите за изрекување на условна осуда е на сторителот да му е утврдена казна затвор во траење од две години, независно дали до таа казна се доаѓа пред или по ублажување на истата, согласно членовите 40 и 41 од КЗ“, посочуваат од Коалицијата за правично судење.

Имајќи го тоа предвид, додаваат од Коалицијата за правично судење, „останува нејасно како судот и со првостепената, а потоа и со второстепената пресуда во овој предмет, успеал да изрече алтернативна мерка – условна осуда“.

„Ова со оглед на фактот дека кривичното дело што им се става на товар на обвинетите е злоупотреба на службената положба и овластување при вршење јавни набавки или на штета на средствата од буџетот на Република Северна Македонија за кое како што беше напоменато е предвидена казна затвор од најмалку пет години“, велат од Коалицијата.

Од Коалицијата укажуваат дека судовите мора да имаат предвид дека начинот на кој постапуваат во таквиот вид на високо-профилирани предмети од областа на организираниот криминал и корупција има особено влијание врз перцепцијата на граѓаните за посветеноста и успешноста во сузбивање на корупцијата.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

На ГП Ќафасан спречен шверц на 53,3 килограми марихуана, крајна дестинација била Македонија

Дејан Дејан

Пријавен инцидент во Радуша: На набљудувачи не им било дозволено да влезат во избирачките места

Дејан Дејан

Лице од Крива Паланка делело бонови за гориво: МВР регистрирало низа нарушувања на предизборниот молк

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе