Вести Македонија Топ вести

Обвинителот Бубевски се надева дека судовите ќе донесат одлуки пред да застари делото на Мијалков во „Титаник 2“

Екс шефот на УБК, Сашо Мијалков со затворска полиција беше спроведен во Кривичниот суд на судењето за „Титаник 2“. Седна со адвокатите во претпоследниот ред од судницата и немаше прашања за сведоците, екс членовите на ДИК, Виолета Дума, Борис Кондарко и Субхи Јакупи кои по третпат одговараат на прашања во овој предмет кој беше укинат од Апелација во декември 2019 година. Обвинети се и поранешни челнови на ДИК и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, но за нив делата не застаруваат за скоро време.

За Мијалков делото може да застари доколку до април не заврши и првостепено пред Кривичниот суд, но и со правосилна пресуда од Апелација. Обвинителот Гаврил Бубевски е оптимист.

„Гледате дека судот прави напори сето ова да заврши во најбрз можен рок. Јас се надевам дека и Апелација во предвидениот рок до моментот кога настапува апсолутна застареност ќе има своја одлука. И Основниот суд и Апелација“, вели обвинителот Бубевски. 

За дел од предметите на поранешното СЈО кои се соочуваат со застарување, Бубевски смета дека има повеке фактори кои влијаеле за тоа, иако се согласува со впечатокот и чувството на јавноста дека правдата што се очекуваше од СЈО не се исполнува. Како проблем за одолговлекувањето на предметите го посочи и системот со поротници. Дел од предметите, меѓу кои и овој, се враќаа на почеток поради тоа што судии поротници си даваа оставки, затоа што се вработиле или требаше да се пензионираат

„Чувството е исто како на сите граѓани во државата. Правдата што требаше да ја овозможи СЈО очигледно не ја даде, барем од гледна точка на некои предмети кои сè уште немаат своја завршница, иако, сепак, ние сме една странка во постапка и обвинетите заедно со бранителите се друга страна во постапката, а на крајот судот е оној што пресудува во предметите. Очигледно тие се повеќе сегменти кои влијаат и на одложување на постапката и на чувството дали во одредени предмети правдата е задоволена. Се разбира дека поротниот систем ни е застарен, не ни е функционален и тоа веројатно е најголемиот проблем зошто досега немаме и побрза правда. Тој систем во новиот Закон за кривична постапка би требало некако да се поправи и да не зависи од одлуките и поротата да нема такво влијание“, додава Бубевски.

Одбраната денеска не сакаше да ги коментира судските одлуки ниту можноста за застарување на делата против Мијалков.

„Титаник 2“ беше првиот предмет против Мијалков кој доби првостепена пресуда од 3 години, но и првиот што беше укинат. Последниот месец, Апелација ги укина и „Трезор“ и „Таргет Тврдина“ кои се враќаат на ново судење во Кривичен. Едно од делата поранешниот шеф на тајната полиција во „Таргет“ веќе застари, а во 2025 година ќе му застарат и останатите две дела доколку судовите продолжат да го водат овој предмет со истото темпо како и до сега.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ангелов: Стара куќа, обрасната со трева, или борова шума, ќе видиме што ќе биде приоритет

Sasko Dimovski

Судир на ставови за новата дозвола на „Титан УСЈЕ“ – граѓаните со критики, институциите во одбрана

Sasko Dimovski

Се прават пресеци, се гасне на земја и од воздух, една куќа во Бучиште изгоре, неколку се опожарени – беснеат пожари во Штип и Пробиштип

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе