Фудбалската федерација на Португалија мораше официјално да реагира по шпекулациите дека капитенот на националниот тим Кристијано Роналдо имал жестока расправија со селекторот Фернандо Сантош и се заканил дека ќе си замине од Светското првенство.
Дел од европските медиуми објавија дека некогашниот најдобар светски фудбалер бил екстремно разочаран од одлуката на Сантош да го изостави од првиот тим за осминафиналниот дуел со Швајцарија на Мундијалот и дека двајцата имале голема расправија. Од таборот на Португалија сега и официјално демантираат дека Роналдо се заканил дека ќе го напушти Катар во знак на револт.
„Сакаме да појасниме дека капитенот на националниот тим, Кристијано Роналдо во ниту еден момент не се заканил дека ќе ја напушти репрезентацијата за време на Светското првенство во Катар. Кристијано Роналдо секојдневно ја зголемува својата репутација во служба на репрезентацијата и државата, што мора да биде почитувано и што ја покажува неговата несомнена посветеност кон националниот тим“, се вели во дел од соопштението на Португалија.
Селекторот Фернандо Сантош на вчерашната прес-конференција исто така потенцираше дека нема никаков проблем со Роналдо и дека нивната врска останува непроменета. Во осминафиналето, Португалците ја декласираа Швајцарија со 6-1, а Роналдо влезе во игра од клупата во финишот од средбата. Следен противник на Португалија е Мароко, а овој четвртфинален натпревар се игра во сабота на 10 декември.
