Македонската женска ракометна репрезентација вечерва од 18 часот во А1 арената Борис Трајковски ќе го одиграат вториот натпревар на Европското првенство, а противник ни е селекцијата на Холандија.
По убедливиот пораз во мечот против Франција, нашата селекција ќе се најде пред нов предизвик и можност да одигра уште подобар дуел отколку на стартот на шампионатот.
На првиот меч избраничките на селекторот Љубомир Савевски постигнаа само 14 гола со што го израмнија неславниот рекорд по најмалиот број постигнати погодоци на еден меч на континенталните шампионати.
За нашиот состав ова е уште една можност една од најталентираните генерации да стекне неопходно искуство на настапи на големата сцена.
Македонија никогаш не славела во соочувањата со Холандија. Пред 12 години во Ротердам во квалификации за ЕП игравме без победник 20:20, а во меѓусебните соочувања имаме уште еден нерешен резултат и еден пораз.
Холанѓанките со евентуална победа ќе изборат пласман во главната рунда со оглед на фактот дека во првото коло славеа во мечот со Романија.
Натпреварот се игра во А1 арената Борис Трајковски и почнува во 18 часот.
ФОТО: Игор Паневски