Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против шест лица поради сомнение за сторено кривично дело „трговија со дете“, за незаконско посвојување на новороденче.
Истрагата покажа дека Ф.А која била згрижувач на деца, воспоставувала контакти со заинтересирани брачни парови, додека 57 годишен скопјанец со иницијали Ѓ.К наоѓал родители кои се во тешка материјална и социјална состојба. Тие според полицијата ги убедувале родителите да се откажат од своите новородени деца во замена за паричен надомест и други бенефиции.
На овој начин, 35 годишна жена од Куманово и нејзиниот невенчан сопруг од Тетово биле убедени да го предадат своето новороденче за 500 евра и за бесплатни гинеколошки прегледи.
По напуштањето на болницата, мајката и бебето биле однесени во дом каде што пристигнал брачен пар од Скопје кои го презеле новороденчето и го однеле во својот дом во улога на „посвоители“.
Во октомври 2025 бил склучен договор за заем од 500 евра меѓу „посвоителот“ и таткото на бебето и парите биле исплатени истиот ден. Од полиција велат дека овие пари биле надомест за незаконското посвојување на бебето.
Во случајот за незаконско посвојување на новороденото бебе осомничени се Ф.А. (63), Ѓ.К. (57), И.Ш. (35), Џ.Ш. (35) сите од Скопје и С.Ј. (35) од Куманово и И.А. (38) од Тетово за постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „трговија со дете“.
Од судија на претходна постапка на лицата им е определена мерка домашен притвор.
