Вести Македонија Најважни

Не нѝ треба јод за заштита од можна радијација од „Запорожје“, туку да контролираме што увезуваме – порачуваат експертите

На радарите – Украина е најнабљудувана во моментов. Ризикот од нуклеарна катастрофа „лебди“ над фронтот. Заканувачки, но и предупредувачки тонови постојано пристигнуваат од завојуваните страни, а светот се надева на добар исход, но се подготвува и за црни сценарија. Едно од тие е – нуклеарна катастрофа.

Експертите од областа оценуваат дека иако постои стравот од воени операции на самата електрана „Запорожје“, Македонија тешко дека директно ќе биде погодена од тоа. Смируваат – луѓето овде нема да мора да купуваат јод, но сепак, заканата демне.

  • „Не, апсолутно не морате да се плашите од тоа дека ќе дојде до таква несреќа и дека јод ќе Ви биде потребен во Северна Македонија, која е толку оддалечена од Украина. Тоа не е возможно. Но, можеби ќе треба вие да ја контролирате храната која доаѓа од Украина или некои други продукти кои доаѓаат оттаму, а кои би можеле да бидат контаминирани“ изјави Бојан Томиќ, менаџер на проектот за унапредување и заштита од зрачење во РС. Македонија.               

Земјава сега се подготвува за поефикасно да набљудува што се случува на фронтот оддалечен повеќе од илјада километри од нас, но и веродостојно да се проценува ризикот од штетните зрачења.

Состојбата ќе се следи преку германски софтвер користен во Европската унија. Надлежните институции од прва рака видоа како истиот функционира, а пораката од странските експерти е примена – да се стави фокус на увезувачката политика.

  • „Секако дека мора да се биде внимателен со секоја храна којашто се увезува. Секоја храна има одредени граници на радионуклеиди кои може да се содржани во неа. Најмногу страдаат земјоделските производи, кои се први на удар при евентуални радионуклеиди доколку се појават“ вели Зоран Велковски, аналитичар во одделението за радијациона заштита во ИЈЗ.

Проблемите во пракса сепак остануваат. Кадри нема за оваа обемна проблематика иако истата добива на значење поради светската ситуација во моментов.

  • „Ова се стручни лица кои претежно се дипломирани физичари, хемичари, електроинженери, информатичари. Тоа е тој комплекс на кадри кои треба да ги опфаќаат овие институции, но за жал лимитирани сме во тој поглед. Не можеме да кажеме дека ги имаме доволно на број или повеќе од потребното“ смета Алија Камбероски, директор на Дирекцијата за радијациона сигурност.

Информации за тоа во каква состојба се скривниците и колку ги има на број – не добивме. Од Центарот за управување со кризи велат дека тие се во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување.

Нефункционален е и системот за рано известување и тревожење, вели првиот човек на ЦУК, Ангелов, и побара со европски фондови да се овозможи целосна обнова на истиот.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гори Канада – над 800 активни пожари, најголем дел се надвор од контрола

Sasko Dimovski

Кос со осуда на изјавата на српската министерка Пауновиќ дека етнички би го исчистила Косово во 1998 година да била на местото на Милошевиќ

Sasko Dimovski

(Видео) Улици претворени во реки – силно невреме вечерва ја зафати Битола

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе