Секој ден по еден до два нови случаја на заболени од рак на дојка се дијагностицираат во Битола, а болеста добива епидемиски размери, велат лекарите од битолската болница. Загрижувачки се спушта возрасната граница на пациентките, меѓу кои има и млади девојки. Иако нема точна статистика, сепак бројот на дијагностицирани не само на рак на дојка, туку и на останатите малигни заболувања во Битолскиот регион е многу голем.
„Секој ден откриваме по еден до два пациента со карцином на дојка кој што е во понапредна фаза. Немам точна статистика, но поради тоа што со короната немаше многу прегледи, па сега галопирачки расте бројот на карционом на дојка. Границата е падната а имаме пациенти од 19 до 20 години и тоа е застрашувачки“, вели доктор Александар Димовски, специјалист по радиодијагностика.
Кои се причините Димовски, вели дека не може да се прецизира дали тоа е генетски фактор, аерозагдувањето или нешто друго, но вели дека кај жените недостигаат навики за редовни прегледи и самопрегледи, што е од исклучително значење за рано откривање на болеста.
„Превенцијата е редовни преглед на ултразвук кај жените до 40 година и редовни самопреглед. Еднаш во месецот, 8 ден после менструален циклус жената да прави самопреглед и ако има промени да се јави на лекар. Ако болеста е навреме откриена, во многу рана фаза, пацинетите се излекувани, а ко ракот се прошири е фатален. Јс имам пациенти кои ги следам 10-12 години и живета со карцином на дојка“, вели доктор Димовски.
Ваквите драматични бројки на заболени од рак на дојка, но и од други видови карциноми, беше причина Битолскиот Универзитет во соработка со Лигата за борба против ракот да организира серија едукативни трибини насловени „Раното откривање спасува живот“ кои се одржуваат во Битола, но и во руралните пелагониските општини Могила и Новаци, со цел да се подигне јавната свест за важноста на превентивните прегледи.
Емилија Мисирлиевски