Овој летен распуст околу 23.000 средношколци ќе може да го користат јавниот превоз бесплатно заради посетување дополнителна настава, часови по практична настава, како и за посета на културни, спортски или други активности, одлучи Советот на Град Скопје на денешната 13-та седница.
Како што информираат од прес-службата на Град Скопје, бесплатниот превоз важи за сите ученици од задолжително средно образование во средните училишта под ингеренции на Градот, како и за оние што учат во државните средни училишта.
Од Сојузот на средношколци ја поздравија донесената одлука и посочуваат дека Советот на Град Скопје ја донесе измената на Програмата на Градот за средното образование која обезбедува дополнителни 50 милиони денари за оваа ставка од буџетот со цел средношколците да се здобијат со бесплатен јавен превоз и за време на летниот распуст за да им се овозможи феријална пракса без дополнителни трошоци.
Третото ветување на Сојузот полека станува реалност. Нашата работа со Клубот на млади пратеници продолжува. Усогласеното законско решение ќе обезбеди бесплатен превоз за секој средношколец во текот на наставната година, т.е. ќе ги вклучи тие од приватните училишта и тие коишто живеат на помалку од 2,5 километри. Исто така, ќе се обезбеди бесплатен превоз во текот на летниот распуст за тие кои посетуваат феријална пракса. Очекуваме предлогот на закон да биде внесен во собраниска процедура во септември, соопштија од Сојузот на средношколци.