Откако со две масовни заеднички литургии првата во Белград, втората во Скопје, беше надминат деценискиот спор за признавањето на МПЦ-Охридска архиепископија, од страна на СПЦ, денеска речиси во тајност во Соборниот храм на српската православна црква во Белград поглаварот на СПЦ, Порфириј, на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, му предаде томосот за признавање на нејзината автокефалност.
„Томос за автокефалност на МПЦ-ОА. На истата да и се благослови, додели и и се признава бараниот канонски статус на автокефална православна црква со тоа што Соборот му наложува на синодот на СПЦ да ги разреши неопходните техничко-организациони прашања, по што српскиот Патријарх и официјално и јавно ќе ја објави одлуката и ќе го потпише соодветниот томос и ќе го достави на сите сестрински автокефални цркви на усвојување, бидејќи СПЦ не е единствен фактор за автокефалност, туку тоа е сеопфатноста на православната црква“, објави архимандрит Нектариј, секретар на САС на СПЦ
Со врачувањето на томосот за признавање на автокефалноста СПЦ соопшти дека во идина таа нема на никаков начин да ја огранучува новата сестринска црква во опсегот на нејзината јурисдикција.
„Во поглед на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и надвор од нејзините граници. Со братска препорака на истата прашањето на своето официјално име да го реши во непосреден братски дијалог со хеленофонските и другите помесни православни“, соопшти архимандрит Нектариј, секретар на САС на СПЦ.
Дополнително, СПЦ на МПЦ-ОА соопшти дека сите свои храмови и манастири на територијата на Македонија, но како и вкупниот движен и недвижен имот на СПЦ, во нејзините граници, и ги отстапува за користење новата автокефална сестринска црква – МПЦ-ОА.
Двете цркви освен што го немаа најавено чинот на предавње на признавање на автокефалноста, се уште не се огласија во јавноста по овој чин.
Познавачите на црковните прашања, велат дека досега немало ваква пракса на признавање на автокефалност со томос од мајка црква на друга црква.
„Искуството не ни е познато дека досега во комуникацијата се употребува акт, томос, од мајката православна црква и акт томос од Вселенската патријаршија која ги информира помесните православни цркви за формирањето на новата црква. Вселенската патријаршија, согласно своите одлуки на Синодот, ќе проследи соодветен синодален акт . Тоа значи дека актот кој таа може да го проследи, исто така може да се нарече томос“, вели Цане Мојановски, поранешен претседател на Комисија за односи со верските заедници.
Мојановски смета дека денеска врачениот томос отвора дилеми во јавноста, што точно претставува, но тој лично верува дека станува збор за чекоро кој го побара Вселенската патријаршија од МПЦ-ОА за надминување на административните прашања со другите цркви за да се добие томос од Вселенската патријаршија.
„Ние не можеме да дознаеме што пишува во нивниот акт. Претпоставуваме дека станува збор, токму за тие административни прашања и да се надеваме дека тоа прашање навистина ќе го добие својот канализиран тек. Односно, дека МПЦ нема да има нови сопирачки на патот за признавањето во православниот свет од страна на автокефалните православни цркви како такви“, смета Мојановски.
Инаку од Комисијата за односи со верксите заедници, денеска не сакаа јавно толкуваат што значи денешниот томос, наведувајќи дека тоа ќе го направата откако двете цркви ќе излезат со свои соопштенија.
Телма денеска се обиде и телефонски и преку порака да стапи во контакт со претставници на МПЦ-ОА за појаснување што значи денешниот чин, но безуспешно.
Тамара Грнчароска
