Обвинувањата дека парите од криминалната продажба на парцели водат до ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги дочека со закани со тужба. Бара да се откријат и други евентуални слични случаи чиј број, според него, би можел да стигне до 200. За СДСМ, нема сомнение за блискоста на осомничените со Мицкоски. Оттука и споредбата со Груевски и „пумпањето пари“ за плацови на Водно. Доцна синоќа, Кривичниот суд определи притвор за шестмина осомничени, меѓу кои Митровски и Гиевски.
Уште едно „пумпање пари“ за потребите на ВМРО ДПМНЕ или клевета што треба да го оцрни Христијан Мицкоски. Вака ја доживеаја последната криминална афера двете најголеми партии во земјата.
Лидерот на опозициската партија се закани со тужба за клевета и навреда, доколку не добие извинување. Има сознанија за 100 до 200 слични купопродажби на земјиште за потребите на ЕВНХ, па очекува и слична реакција од Финансиската полиција и од Обвинителството.
И СДСМ бара сите инволвирани да сносат одговорност, без разлика за кого се работи. Затоа очекуваат Мицкоски да не врши притисок за да можат институциите да си ја завршат работата. Уверени се дека станува збор за криминална шема во која се вклучени лица блиски до ВМРО ДПМНЕ.
Доцна синоќа Кривичниот суд определи притвор од 30 дена за петмина осомничени, домашен притвор за едно лице и мерки на претпазливост за единствената жена во групата, поради опасноста од влијание врз сведоци. Меѓу притворените се двајца управители во ЕВН – Мирослав Митровски и Игор Гиевски, кои минатата година купиле земјиште во регионот на Делчево и Берово во вредност од 1,5 милиони евра.
Земјиштето било наменето за изградба на фотонапонски волтаици, но добиено е божем на подарок, всушност исплатено на другите петмина осомничени. Финасиската полиција утврди дека парцелите не ги исполнуваат критериумите на ЕВН а осомничените прикажувале невистинити податоци за да го прикријат тоа.
Обвинителството не прецизира каде завршиле парите, но владеачките партии ги лоцираат кај опозицијата. Се работи за поранешен претседател на Унијата на млади сили, екс-советник во Делчево како и други блиски лица на ВМРО ДПМНЕ и лично на Мицкоски.
Соња Николовска
