Откако денеска Финска соопшти дека ќе поднесе официјално барање за членство во НАТО, и владејачката социјадемократска партија во Шведска, одлучи да го поддржи членството на земјата во НАТО. На вековната Шведска воена неутралност по се изгледа ѝ се ближи крајот, предизвикан од постапките на Русија.
Нашата 200 годишна политика на воена неутралност добро ѝ служеше на Шведска, но прашањето пред сега нас е дали таа воена неутралност ќе продолжи да ни служи добро, порача шведската премиерка Магдалена Андерсон.
Одлуката дали Шведска ќе побара членство во НАТО нема да биде донесена само поради руската инвазија на Украина, иако тоа беше последната капка. Неколку нарушувања на воздушниот простор од страна на руското воено воздухопловство изминативе години, и особено откривањето на руската подморница во Стокхолмскиот архипелаг во 2014 година, ја примораа Шведска пред 5 години повторно да ја активира воената база на островот Готланд во Балтичкото море. Оттогаш Шведската армија го засилува своето присуство на стратешки важниот остров, кој се наоѓа само на 320 километри од Калининград и пристаништето на руската балтичка флота.
Кремљ покажа дека тие се подготвени да употребат насилство за да ги остварат своите политички цели, и дека не се двоумат во преземањето на огромни ризици, рече Андерсон.
Финска го чека само одобрувањето од Парламентот за официјално да поднесе барањње за членство.
Се надеваме дека парламентот ќе ја потврди одлуката да се аплицира за членство во НАТО во текот на следните неколку денови. Таа ќе биде заснована врз цврст мандат, изјави финската премиерка Сана Марин.
Најголемиот дел од членките на алијансата се согласни процесот на пристапување да се одвива забрзано, и да не трае повеќе од неколку недели. Но, врз аспирациите на двете северни земји сенка фрли Турција, незадоволна од забраната за извоз на оружје во Турција која е во сила и во двете земји, како и за помагање на Курдската работничка партија.
Отворено го соопштивме нашиот став, не затоа што сме против проширувањето на НАТО, туку затоа што сме убедени дека држави кои поддржуваат тероризам и слични такви политики насочени против нас, не треба да бидат НАТО сојузници, реле тускиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Освен двете северни земји, внатре во алијансата исто така повторно се отвори дебатата и за евентуалното членство и на Грузија, и покрај острото предупредување кое Тбилиси го доби од Москва.
Игор Трајков
