Вести Најважни Свет

Долгорочната стратегија кон Русија и влезот на Финска и Шведска во фокусот на денешниот министерски состанок на НАТО

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО овој викенд ќе се состанат во Берлин за да разговараат за долгорочна стратегија за Русија и  можниот влез на Финска и Шведска.

Геополитичкото влијание на НАТО нагло се зголеми по руската инвазија на Украина и наскоро би можело да добие нови членки.

Владејачката Социјалдемократска партија во Финска денеска ќе го објави својот став за евентуалното пристапување во НАТО. Финскиот државен врв во четвртокот објави дека Финска мора да поднесе барање за членство во НАТО „без одлагање“.

Шведските владејачки социјалдемократи во недела треба да одлучат дали ќе се откажат од децениското противење на членството во НАТО, што речиси сигурно ќе доведе до тоа Шведска да побара членство во Алијансата.

Шефовите на шведската и финската дипломатија Ен Лиде и Пека Хаависто треба да присуствуваат на состанокот на НАТО.

Данска, Норвешка и Исланд се членки на НАТО од неговото основање.

Москва вели дека проширувањето на НАТО со Финска и Шведска ќе биде непријателски гест и ќе претставува дополнителна закана за нејзината безбедност, поради што најави дека ќе одговори на тој потег.

Кандидатурата на Финска и Шведска треба да биде одобрена од сите 30 земји.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во петокот рече дека членството на Финска и Шведска во НАТО ќе биде „грешка“.

Дводневниот состанок, чиј домаќин е германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, а на кој ќе присуствува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, ќе го означи почетокот на последната фаза од преговорите за Стратешкиот концепт на НАТО, документ кој ги поставува насоките за иднината.

Концептот треба да овозможи долгорочен одговор на растечките тензии со Русија, вклучително и појаснување за тоа како да се врати влијанието на НАТО во Источна Европа во иднина и, за првпат, насоки за Кина.

Конечната верзија на документот треба да биде усвоена од лидерите на НАТО на самитот во Мадрид во јуни.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вучиќ: Брисел треба да ги прими земјите од Западен Балкан заедно

Kristina Kuzmanovski

(Видео) Изгласан ДУП-от за Барутана кој предвидува изградба на 24 хациенди на Водно

Kristina Kuzmanovski

Си реков „ако гинеме, ќе гинеме заедно“ – сопругата на Србинот кој висеше од прозор во авионот на „Рајанер“ над Македонија

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе