Вести Најважни Свет

Зеленски: Ракетниот напад на Киев додека во градот беше Гутереш покажува што Русија мисли за меѓународната заедница

Најмалку едно лице е убиено во синоќешниот ракетен напад на главниот град на Украина, Киев. Од кабинетот на Кличко соопштија дека спасувачите го пронашле телото додека ги пребарувале урнатините во станбениот блок кој беше погоден со ракети, во населбата Шевчениски.

Спасувачките екипи бргу реагирале по нападите во обид да им помогнат на цивилите чии домови беа уништени во експлозиите.

„Имаше експлозија и ние бргу дојдовме. Имаше луѓе под урнатините. Ги извлековме, им дадовме помош и ги предадовме на брзата помош. Исто така ги отстранивме луѓето од засолништето, децата и повредените“, изјави Серхеј, жител на Киев.

Нападот се случи набргу откако во Киев завршија разговорите меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и првиот човек на Обединетите Нации, Антонио Гутереш. Ова јасно покажува што Русија мисли за меѓународните институции, оцени Зеленски.

„Денеска, веднаш по нашите разговори во Киев, руски проектили летаа кон градот. Пет проектили. Тоа зборува многу за вистинскиот приод на Русија кон глобалните институции, за обидите на руските власти да ги понижат ОН и сето тоа што организацијата го претставува. Затоа, неопходна е соодветна силна реакција“, рече Зеленски.

Гутереш во рамките на својата посета на Украинскиот главен град, лично се увери и во уништувањето во малите населени места во северните предградија на Киев, вклучувајќи ги Буча и Бородјанка, каде беа убиени голем број цивили од страна на руските окупатори.

„Украина е епицентарот на неиздржлива тага и болка. Јас директно се уверив во тоа денеска околу Киев. Бесмислената загуба на човечки животи, масовното уништување, неприфатливото прекршување на човековите права и правилата на војувањето. Значајно Меѓународниот Кривичен Суд и другите механизми на светската организација да ја завршат својата работа, за да има вистинска одговорност“, истакна Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите Нации.

Вадим Бојченко, градоначалникот на целосно уништениот украински град на Азовското море, Мариупол, кој е засолнет во Днепар, порача дека неговиот град нема никогаш да и биде предаден на Русија како дел од потенцијалниот мировен договор. Бојченко предупреди дека Украина е само првата цел на империјалистичките амбиции на Путин.

 „Кој знае дали тој ќе запре на границите на нашата држава и нема да се обиде да ја освои Полска или Балтичките држави. Мора да разберете дека ова е огромна, деструктивна, сурова војна во која гинат десетици илјади цивили. Затоа светот мора да се обедини да ја запре војната“, рече градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко.

Украина се надева дека ќе успее во плановите за евакуација на цивилите од огромниот индустриски комплекс Азовстал во Мариупол, единствениот дел од градот кој не е под контрола на Руските трупи.

Претпоставките се дека со последните Украински војници, во тунелите и подземните катови во Азовстал се кријат и повеќе стотици мажи, жени и деца.

Никола Илиевски

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кривична пријава за двојното убиство во Стајковци

Дејан Дејан

Кривична и истрага против вработена во СВР Скопје, измамувала граѓани за социјални станови

Дејан Дејан

Не се прифатени тужбите на ДУИ за изборите, одлучи Управниот суд

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе