Цената на гасот историски никогаш не била повисока и достигна и над 3300 долари според лондонската берза. И нафтата по повеќе од деценија ипол урива рекорди.
Најавите на Соединетите американски држави и Европската унија дека ќе забранат увоз на руска нафта и гас, придонесе за драстичен скок на цените на овие енергенси.
Вакво нешто не е забележано на енергетските берзи за така краток временски период.
Експертите предупредуваат дека ќе има големи последици за европската и светската економија затоа што доколку ваквите цени се задржат подолг период и продолжат да се зголемуваат, тогаш ќе растат и цените на сите производи.
„Порастот на цените на енергенсите директно ќе се одрази врз крајните цени особено онаму каде што енергенсите се директен инпут во производството. Тоа ќе предизвика зголемување на директните трошоци за производство и ќе ја намали и онака ниската конкурентност. Овој удар веројатно во голема мера ќе го почувствуваат транспортниот сектор и оние сектори каде што цената на енергенсите има големо учество во крајниот производ“ вели Благица Петрески, извршна директорка на „Finance Think“.
Што може да направи државата околу овие нагорни трендови на цените на енергенсите – одговараат експертите.
Уште веднаш треба да се реагира со некакви мерки за директна помош на населението или евентуално намалени даноци.
Енергетичарот Драган Миновски во став за Телма вели дека потребно е активирање и на сите домашни производствени капацитети затоа што покрај нафтата и гасот, цената на струјата исто така забрзано расте и на светските берзи во моментот се ближи и до петстотини евра за мегават час.
„На краток рок, потребно е државните институции будно да ги следат движењата на цените и брзо да реагираат со зголемување на помошта за ранливите категории граѓани, намалени даноци и акцизи за енергенсите, сè со цел ваквиот ефект да има помало влијание врз граѓаните и економијата. Во делот на електричната енергија, потребно е активирање на сите расположливи производни капацитети, со што ќе се зголеми домашното производство на електрична енергија и ќе се намали увозот“ вели Драган Миновски, енергетичар.
На алармантни бројки предупреди Државниот завод за статистика. Објави дека во февруари споредено со истиот месец лани, трошоците на живот пораснале за 7,6%.
Во однос на истиот месец лани, индексот на цените на мало е зголемен од 8,6%.
Според експертите, целата оваа кризна состојба кај нас како и светски рамки, придонесува да паднат во вода првичните финансиски проекции на Владата за годинава.
„Кризата што е настаната како резултат на воената инвазија на Русија врз Украина како и севкупните притисоци врз цените, оние првични очекувања за реализација на БДП од околу 4% во 2022 година веќе се нереалистични затоа што ризиците коишто во моментот постојат се исклучително надолни и се нагласени“ вели Благица Петрески, извршна директорка на „Finance Think“.
Во меѓувреме, поранешниот претседател на Русија, Дмитриј Медведев, саркастично им честиташе на како што вели „своите европски колеги“, за цената на гасот која достигна историски рекордно ниво.
Медведев на Твитер напиша „Добредојдовте во новиот свет каде што Европејците ќе плаќаат 2000 евра за 1000 кубни метри гас.“
Петар Догов
