Три дена пред нападот на Украина, во екот на дипломатските борби на меѓународната заедница со Русија, германскиот канцелар Олаф Шолц донесе одлука да се замрзне стратешки клучниот гасовод „Северен поток 2“. Неколку часа подоцна екс премиерот и претседател на Русија, Дмитри Медведев, преку „Твитер“, им посака на европејците добредојде во новиот свет каде ќе плаќаат две илјади евра за илјада нормални метри кубни гас.
Десет дена подоцна најавата на Медведев стана реалност.
Цената на гасот вртоглаво расте од ден во ден, а од почетокот на инвазијата во Украина заклучно со денес е зголемена за 56 отсто.
Ако на првиот ден од војната илјада метри кубен гас чинеа 978 евра денес таа цена е 1,738 евра и веќе се чувствуваат првите последици во државите од ЕУ но и во регионот.
Македонија, барем до крајот на месецот нема да има никаков проблем со набавката на гас бидејќи се снабдува преку гасоводот од Турција, а и двете банки прекои кои оди купупродажбата „Сбербанк“ и „Газпромбанк“ не се исклучени од свифт системот. Можни компликации не се исклучуваат но тие би биле од политичка природа и одлуки.
Паралелно со цената на гасот расте и цената на струјата на европските и светските берзи. Денеска еден мегават час струја чинеше 338 евра а веќе за утре е најавено зголемување од 18 отсто и цена од дури 394 евра за мегават час. Државите кои се зависни од увоз на струја, како што е и Македонија, одвојуваат милионски суми дневно за да ги задоволат домашните потреби за електрична енергија.
За разлика од гасот и струјата, цената на нафтата која е унифицирана на сите берзи во светот бележи минимален раст од два до четири отсдто дневно и денеска еден барел, што е еднакво на 156 литри, чини 114 долари.
Според експертите не се очекува рапиден скок на цената на нафата, а со тоа и на горивата за граѓаните, бидејќи четириесетина држави од светот одлучија да пласираат огромна количина барели од стоковите резерви и со тоа да го стабилизираат пазарот.
Огнен Чанчаревиќ
