Безбедносната криза во Украина продолжува да се продлабочува. Откако рускиот претседател Путин вчера ја призна независноста на проруските сепаратистички региони во Украина, САД и ЕУ, денеска одговорија со првиот бран санкции против Русија.
Предмалку американскиот претседател, Џо Бајден, постапката на Путин за признавање на сепаратистите ја оцени како бизарна и јасно прекршување на меѓународното право. Тој најави дополнителна помош за владата во Киев во одбранбена воена опрема и најави испраќање американски трупи во Балтичките држави, кои се членки на НАТО.
Ова е само почетокот на нашите остри санкции против режимот на Путин, подвлече Бајден, претставувајќи ги мерките.
„Имплементираме целосни блокирачки санкции на две големи руски финансиски институции, ВЕБ и нивната воена банка. Воведуваме сеопфатни санкции на рускиот суверен долг. Тоа значи го прекинавме пристапот на рускаат влада до западните финансии. Веќе не можат да земаат пари од Западот и не можат да тргуваат со својот долг на нашите пазари или на европските пазари. Од утре, и во наредните денови ќе воведеме санкции и против руските елити и членовите на нивните семејства“ – изјави Бајден.
Во меѓувреме и ЕУ ја претстави првата листа на санкции против Русија, вклучувајќи ги сите членови на Думата, вкупно 351, кои гласаа за признавање на сепаратистичките региони во Украина.
Санкциите исто така се насочени и против 27 други официјални руски претставници и институции од одбранбениот и банкарскиот сектор.
Целта на санкциите е да се ограничи пристапот на официјална Москва до капиталните и финансиските пазари на ЕУ, потврди претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен.
„Овој цврст пакет содржи бројни прецизни мерки, тоа е јасен одговор на овие прекршувања на меѓународното право на Кремљ. Овие санкции се насочени против поединци и компании поврзани со овие постапки, тие ги таргетираат банките кои го финансираат рускиот воен апарат и придонесуваат за дестабилизацијата на Украина. Исто така ќе ја забраниме трговијата меѓу двата сепаратистички региони и Европската Унија“ – подвлече претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен.
Првиот крупен чекор против руските интереси го направи Германија, со одликата да го запре процесот на ратификација на гасоводот Северен Поток 2, огромниот проект во кој досега се инвестирани над 10 милијарди долари а со кој треба рускиот гас да се дистрибуира до Германија.
Откако вчера ја призна независноста на ткн народни републики во Доњецк и Луганск, Путин денеска испрати и цврста порака дека Руската федерација е подготвена и воено да ги помогне и поддржи во евентуалниот конфликт со Украинската армија.
За таа цел, тој едногласно го доби и одобрението на горниот дом на руската дума за користење на армијата и надвор од границите на државата.
„Во однос на користењето на вооружените сили во странство, ние вчера ги потпишавме договорите и во овие договори со Доњецката народна република и Луганската народна република, има членови кои предвидуваат дека ние на нив ќе им дадеме секаква помош, вклучувајќи ја и воената помош. Се додека постои конфликт таму, со нашата одлука е јасно дека, ако е неопходно, ние планираме да стоиме зад своите обврски“ – предупреди Путин.
Она што дополнително претставува опасност за безбедносната ситуација е навестувањето на Путин дека ги признава границите на ткн народни републики во Доњецк и Луганск, како што тоа е наведено и во нивните устави, што вклучува и делови од територијата кои во моментов се под контрола на Украина.
Никола Илиевски
