Не се смирува светската јавност по одлуката на рускиот претседател Путин да ја независноста на сепаратистичките украински области Доњецк и Луганск. Заканите за воведување санкции се се погласни, но прв кој делуваше беше Берлин. Суспендиран е гасоводот „Северен Поток 2“, со кој рускиот гас по директна линија требаше да доаѓа во Германија, а кој во моментов чека на дозвола. Германија долго се противеше да го повлече проектот под притисок на Америка, но најновиот развој на настаните само ги потврди силните повици дека – мора да престане енергетската зависност од авторитативните режими.
Ова звучи технички, но е неопходен административен легален чекор за да се осигураме дека не постои дозвола, а без дозвола Северен Поток 2 не смее да започне да функционира, изјави ОЛАФ ШОЛЦ, КАНЦЕЛАР НА ГЕРМАНИЈА.
Санкции налик на оние од 2014-та година по анексијата на Крим, најавува и ЕУ. Тие се ставени на маса, но дел од европските членки кои имаат блиски односи со Москва, го прават блокот нервозен од можно вето. Вашингтон исто така најавуваше строги мерки, но засега Бајден им нареди на американските бизниси да не функционираат во признаениот од Русија, Донбаски регион.
За Москва, потезите на Западот се предвидливи. Првиот дипломат, Сергеј Лавров за руските медиуми изјави дека на тоа се навикнати, и дека санкции Западот може да воведе и без некоја причина, а Путин најави дека Европа нема да ја остави без гас.
Во меѓувреме, по наредба на Путин, руските трупи веќе влегоа во источниот дел од Украина. Ќе изведуваат мировни функции, што за Америка е бесмислица и изговор за натамошна инвазија.
Ова е напад врз украинскиот статус како членка на ОН. Ги нарушува основните принципи на меѓународно право и и пркоси на нашата Повелба. Дополнително, овој потег на претседателот Путин е јасна база за рускииот обид да создаде изговор за натамошна инвазија врз Украина, изјави ЛИНДА ТОМАС ГРИНФИЛД, АМБАСАДОТ НА САД ВО ОН
И додека светот најавува можна воена ескалација, Украина вели дека не се плаши од никој. Јасно е дека е нападнат нејзиниот суверенитет, но повикува на смиреност и дипломатско решение.
Веруваме дека нема да има војна од големи размери против Украина и нема да има голема ескалација од Русите. Но, ако го има, тогаш ќе воведеме воена состојба. Ги разбираме сите ризици и повторно ја повикуваме Русија да го реши ова прашање со дијалог. Подготвени сме да седнеме на преговарачка маса на која било платформа. И Русија тоа добро го знае, порача ВОЛОДИМИР ЗЕЛЕНСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УКРАИНА
Путин знае дека сега создаде база за нови преговори во кои сега неговиот збор ќе се слушне. Од Кремљ соопштија дека останува отворен за сите дипломатски контакти околу Украина и дека прекинот на односите на Киев со Москва ќе ја влоши и онака напнатата ситуација. Путин е свесен дека стратешката игра сега ќе се води на друг начин кој најавува почеток на долгогодишна криза на истокот од Украина.
Алиса Шутиноска
