Американскиот претседател Џо Бајден нареди записите за влез и излез на посетителите во Белата куќа од администрацијата на неговиот претходник, Доналд Трамп, да бидат предадени на специјалниот комитет на Претставничкиот дом што го истражува упадот на Конгресот на 6 јануари.
Според извештаите во американскиот печат, Бајден го одбил барањето на Трамп да ја искористи административната привилегија за да ги задржи доверливите записи за посетителите на Белата куќа.
Во писмото до Националниот архив, адвокатот на Белата куќа, Дејна Ремус, изјави дека записите за влез-излез од Белата куќа од времето на Трамп треба да бидат доставени до истражниот комитет на 6 јануари во рок од 15 дена.
Во писмото е подвлечено дека Конгресот има право да го испита процесот и да добие информации во врска со настаните што доведоа до упадот на Конгресот во Белата куќа на 6 јануари.
На 6 јануари 2021 година, екстремно десничарски групи и поддржувачи на поранешниот американски претседател Доналд Трамп упаднаа во зградата на Конгресот каде се одржа седницата за одобрување на резултатите од изборите на 3 ноември 2020 година.
Во упадот животот го загубија 5 лица од кои 1 полицаец. Трамп, кому му се судеше за разрешување поради поттикнување на народот на бунт поради упадот, беше ослободен на гласањето во Сенатот во февруари 2021 година.
