Највисокиот руски дипломат рече дека Москва нема да започне војна, но предупреди дека нема да дозволи Западот да ги погази неговите безбедносни интереси поради стравувањата дека планира да ја нападне Украина.
Одговорот на Лавров доаѓа откако американскиот претседател Џозеф Бајден предупреди дека постои можност Русија да ја нападне Украина веќе следниот месец, и ја повика Русија да се „врати на преговарачка маса“.
Нема да има војна колку што зависи од Руската Федерација, ние не сакаме војна. Но, нема да дозволиме нашите интереси да бидат грубо газени и игнорирани, рече Лавров.
Америка и НАТО ги отфрлија руските барања за безбедносни гаранции. Вашингтон наведе областите каде се можни дискусии, нудејќи пат за смирување на тензиите. Во спротивно вратата за санкции е отворена, што за Москва би било крај на врските.
Што се однесува до заканата од санкции, на Американците меѓу другото за време на контактите на претседателите им беше кажано дека пакетот санкции, кој вклучува целосно затворање на финансиските и економските системи контролирани од Западот би значел прекин на врските, ПРЕДУПРЕДИ МИНИСТЕРОТ ЗА НАДВОРЕШНИ НА РУСИЈА, СЕРГЕЈ ЛАВРОВ.
Додека се чека на потегот од Путин, на украинската граница и утринава се носи руска артилерија, која ја пречекуваат над сто илјади војници. За новите движења на границата предупреди и самата Украина.
Го набљудуваме движењето на шест големи десантни бродови од руската северна и балтичка флота, кои сега влегоа во Средоземното Море и би можеле да пристигнат во Црното Море. Знаеме какви морски единици има на одборот и Морнарицата на Соединетите држави и авијациските групи знаат за тоа уште подобро, изјави Олекси Резников, украински министер за одбрана.
Тензиите се зголемија изминативе недели, а САД и нивните сојузници во НАТО се загрижени дека концентрацијата руски војници ја најавува намерата на Москва да ја нападне поранешната советска држава. Русија постојано негираше дека има такви планови, а откако Америка ги одби руските барања, од Кремљ соопштија дека сега има „малку основа за оптимизам“.
Мартин Николовски
