Вести Македонија Топ вести

Детското одморалиште на Пелистер предолго одмора без деца

Спуштена рампа, снег до колена и заклучен објект, не̍ пречекаa во некогаш најпопуларното детско одморалиште во земјава, „Пелистер“ на Баба Планина. Ова е седма година како не работи, а некогаш збираше илјадници деца на летување, зимување и настава во природа. Спорсткото игралиште е празно, салата за игранки демолирана, малтер се рони од ѕидовите на одморалиштето и балконите, а некои делови за заштита од крадци се преградени со решетки. Само муралите на ѕидовите и по некоја поетска творба изложена во литературното катче сведочат дека овде  некогаш имаше деца.

 „Во Детското одморалиште имам летувано седум- осум години, од прво одделение и беше многу убаво место каде се дружевме. Имаше деца од сите страни на Македонија, многу другарувавме, имавме забава и натпревари. Но, најважно е што сами се осамостојувавме од малечки од прво одделение, сами да се храниме, снаоѓаме во друштво и да планинариме, да ја засакаме планината“, вели Љубица Митревска, поранешен летувалец на „Пелистер“.

Корисничко право врз одморалиштето има Министерството за труд и социјална политика од каде ни одговорија дека за намената на ваквите објекти, продажба или друго одлучува Владата. Сепак, велат дека ангажирале лица да се грижат за обезбедување на објектот.

До 2016 година државата неколку пати го објави за продажба одморалиштето проценето од Бирото за судски вештачења на 48,6 милиони денари, но не се јави заинтересиран купувач.

Наместо да го реновираат, политичките партии се препукуваат. СДСМ го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ дека сака да го продаде. Овие пак, саркастично сечеа црна лента пред објектот зашто СДСМ не го обнови, а вети. Советничката група Поинаку стави макети од деца асоцирајќи на посетеноста која веќе ја нема.

Планинарите велат дека жално е да пропаѓа ваков капацитет во срцето на Националниот парк Пелистер.

„Раководител на Детското беше еден од најпознатите скијачи во пораншена Југославија, Љупчо Спирковски, кој на олимпијадата во Сараево го носеше југословенското знаме. Но, објектот во еден период почна да се запоставува, со тие примопредавања кој стопанисува и како стопанисува, па неколку години е затворен што е голема штета не само за љубителите на планината туку и за најмладите зашто е на дофат на Пелистер има асфалтен пат, игралишта, придружни објекти. Жално што неколку години не може да се најде рабзирање објектот да се стави во функција“,  вели Петар Ставрев, долгогодишен планинар од Битола

Пред повеќе децении планинарите со ентузијазам ги граделе објектите низ Пелистер, денес сме сведоци на нивно уништување. Планинарскиот дом Копанки изгоре пред 9 години и не се обнови, Ловечката куќа изгоре оваа зима, а светла иднина нема да дочека ни Детското одморалиште доколку биде и натаму оставено на забот на времето.

Жанета Здравковска

 

 

 

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца загинати во директен судар на патот Штип-Радовиш

Дејан Дејан

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе