Франција од денеска го презема претседавањето со Европската Унија, додека Западниот Балкан, а особено Македонија и Албанија, гаат надежи дека ќе се направи напредок во процесот на проширувањето. Но на презентацијата на приоритетите на француското претседателство, проширувањето беше спомнато на периферијата, а треба да бидат земени в предвид и ставовите на француската јавност и опозицијата.
Ако морам во една реченица да ја опишам целта на ова претседателство, кое ќе трае од 1 јануари до 30 јуни, би рекол дека мораме да преминеме од една Европа на соработка внатре во нашите граници, кон една моќна Европа во светот, целосно суверена, слободна во своие избори и господар на сопствената судбина. И тоа е целта кон која мораме да се стремиме. За прв пат по половина век се соочуваме со егзистенцијални прашања на климатски, технолошки и геополитички нивоа, изјави тогаш Макрон.
Желбите на Макрон за француското претседателство се грандиозни, но периодот во кој тоа доаѓа е малку незгоден, имено француските претседателски избори, чиј прв круг ќе се одржи на 10 април. За француските аналитичари, зголемениот ангажман на Макрон во Европа е меч со две острици. Од една страна, неговата очигледна водечка улога, особено по повлекувањето на Меркел, може да му донесе политички поени на домашен план, но во исто време може и да му го одвлече вниманието од важните домашни прашања. Не треба да се заборави ниту на пандемијата, која влегува во третата година, а економските ефекти од омикрон бранот допрва ќе се чувствуваат.
Првиот ден од француското претседателство одбележува и еден значаен за Унијата јубилеј. Денеска се навршуваат 20 години од воведувањето на еврото, заедничката европска валута, која влезе во употреба на 1 јануари 2002 година.
Игор Трајков
