Индиската агенција за заштита на тигри соопшти дека 126 од загрозените големи мачки умреле во 2021 година, што е најголем број на смртни случаи од почетокот на собирањето податоци пред 10 години.
Најновата смрт е регистрирана во државата Мадја Прадеш информира Националната управа за заштита на тигри.
Најголем број на смртни случаи откако властите почнаа да собираат податоци во 2012 година беше 2016 година, кога умреа 121 тигар.
Индија која е дом на околу 75 отсто од тигрите во светот, пред две години објави дека ја зголемила популацијата на тигри од 1.411 во 2006 година на 2.967 во 2018 година.
Во текот на изминатата деценија, „природните умирања“ беа забележани како главна причина за смртта на тигрите идентификувани од Индиската агенција за заштита на тигри, но многумина исто така станаа жртви на ловокрадци и „конфликт меѓу луѓе и животни“.
Во земјата со 1,3 милијарди луѓе, човечката интервенција во живеалиштата на тигрите е зголемена во последниве години. Според владините бројки помеѓу 2014 и 2019 година околу 225 луѓе загинале во напади од тигар.
