Продолжува очајната потрага по преживеани во шест сојузни американски држави каде страотните торнада земаа досега над 80 жртви.
Голем е бројот на исчезнати, а цели градови се уништени и срамнети до земја од 37 торнада кои носеа се пред себе.
Кентаки е најпогодената сојузна држава во САД, каде е прогласена состојба на катастрофа. Во градот Мејфилд загинаа над 70 луѓе, меѓу нив 20-тина работници во фабрика за свеќи чиј покрив се урнал над нив.
Се трага по преживеани во урнатините, спасени се 40 луѓе, но исчезнати се 60-тина, и се стравува дека бројот на загинати ќе се зголеми, бидејќи внатре има буриња со корозивни хемикалии, па спасувачите се сомневаат дека некој би преживеал во таква критична ситуација.
Оние кои биле извлечени сведочат дека одеднаш покривот се урнал врз нив, просторијата се наполнила со прав, од која ништо не се гледало, се слушале само врисоци. Уништени се домови, бизниси и животи.
