Двете најголеми партии во земјава денеска ќе избираат нови лидери. Владејачката СДСМ на непосредни избори ќе го избира наследникот на Зоран Заев, а ВМРО-ДПМНЕ на конгрес ќе го реизбере Христијан Мицкоски, како единствен кандидат за претседател на партијата.
На денешните втори непосредни и директни внатрепартиски избори во СДСМ околу 60 илјади активни членови на партијата ќе го изберат петтиот лидер од 1992 година досега. Заев, по поразот на партијата на локалните избори, заминува од лидерската позиција по три мандати, а за негов наследник во трката влегоа тројца кандидати, Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Јован Деспотовски. Ова ќе бидат втори непосредни и директни внатрепартски избори.
Ковачевски важи за фаворит на Заев и го придружуваше на разговорите за проширување на парламентарното мнозинство и ја има неговата поддршка. Тој ветува дека, доколку ја добие довербата од членството, ќе ја врати СДСМ како победничка партија.
Фросина Ременски најавува враќање на достоинството на СДСМ. Таа ги напушти раководните структури на СДСМ поради сомневањата за нејзина вмешаност во случајот Меѓународен сојуз за што се води и судска постапка.
Деспотовски, инаку директор Дирекцијата за развој на технолошки зони, а активист во СДСМ повеќе од 25 години, најави дека со неговиот избор за претседател партијата ќе се врати на примарните политички определби, а евроатлантскиот пат ќе остане опција без да се загрози земјата и нејзините граѓани.
Сите членови на партијата кои поседуваат електронска членска картичка ќе можат да го искористат своето право на глас на 194 избирачки места ширум земјата кои ќе бидат отворени од 8 до 19 часот. Изборите ги спроведува Централна изборна комисија, oпштински изборни комисии и oдбори во сите општински ораганизации.
Според статутот на партијата, по изборот на претседател, следува избор на нови партиски органи.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, за денеска го закажа 17-от Конгрес што ќе се одржи во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје. Според најавата од партијата во 10 часот ќе почне регистрација на гостите, на делегатите и на претставници на медиумите.
Отворениот дел за јавноста ќе трае до 13 часот по што ќе следи затворен дел. Во рамки на затворениот дел на Конгресот е планирано и гласање и избор на претседател на ВМРО-ДПМНЕ за што единствен кандидат е Христијан Мицкоски кој се очекува да добие нов мандат од делегатите.
Во најавата од ВМРО-ДПМНЕ до медиумите, се наведува и дека во 17.30 часот продолжува отворениот дел за јавноста, во чии рамки ќе биде и обраќањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата најавија усвојување на нови политики и стартегија и сериозно кадровско освежување на раководсните тела на ВМРО-ДПМНЕ.
