Најмалку 53 лица загинаа, а десетици други се повредени откако камионот со кој се превезуваа се урна во јужниот дел на Мексико, соопштија властите.
Повеќе од 100 луѓе, за кои се вели дека се мигранти од Централна Америка, биле набиени во приколката на камионот кога се тркалала во државата Чиапас.
Сликите од местото на несреќата покажуваат жртви расфрлани низ патот покрај превртениот камион. На местото на несреќата бројни тела биле покриени со бели чаршафи.
Тоа е една од најтешките несреќи од ваков вид во Мексико, со најмалку 58 повредени, од кои повеќето потешко, изјави Луис Мануел Гарсија, шеф на агенцијата за цивилна заштита во Чиапас.
Тој рече дека меѓу жртвите има мажи, жени и деца. Нивната националност не е потврдена, но локалните власти соопштија дека повеќето од луѓето во камионот биле мигранти од Хондурас и Гватемала.
Камионот наводно возел со голема брзина кога се превртел на остра кривина и удрил во пешачки мост на главниот пат што води до главниот град на државата Чиапас, Тукстла Гутиерез.
Чиапас, кој е соседен на Гватамала, е главна транзитна точка за мигрантите кои немаат легална дозвола за престој.
Секоја година стотици илјади мигранти кои бегаат од сиромаштијата и насилството во Централна Америка се обидуваат да минат низ Мексико во обид да стигнат до САД.
Многумина од нив плаќаат на шверцерите, кои на долгиот пат нелегално ги превезуваат во преполни и опасни камиони.
Границата меѓу САД и Мексико е најсмртоносниот единствен премин во светот според податоците на Меѓународната организација за миграција (ИОМ). Само оваа година, најмалку 650 луѓе загинаа на границата, обидувајќи се да ја преминат, повеќе отколку во која било друга година од почетокот на евиденцијата на ИОМ.
Има и многу смртни случаи на опасното патување кон границата, но тие се потешко да се документираат точно, се вели во соопштението на ИОМ.
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор ја опиша несреќата како „многу болна“ и напиша на Твитер дека „длабоко жали за трагедијата“.
