Вести Македонија

Заев и Гаши држат во тајност каков напредок е постигнат за влез на Алтернатива во владата

Се договорија да се договорат, вака може да се сублимира исходот од новата лидерска средба меѓу премирот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, за влез на Алтернатива во владата. И по нови речиси четири часа преговарање во рок од два дена се уште не е постигнат договор за укрупнување на владеачкото мнозинство, но како што соопшти во неколку збора Гаши, постигнат е напредок.

„Можеме да ви кажеме дека има напредок и следуваат консултации во нашите партии“, рече Гаши.

Јавноста и овојпат не беше удостоена со повеќе информации за што се преговара, поточно што е она за што двете страни – од една страна владеачкото мнозинство СДСМ – ДУИ и Алтернатива од друга, не можат во два наврати да се договорат.

Во владиното соопштение лиферувано по денешната средба штуро е наведено дека бил констатиран напредок во усогласување на ставовите за дополнување на програмата на владата, а во завиена форма е соопштено она што јасно беше кажано во исто такво соопштение по средбата во понеделникот, дека било разговарано за можните кадровски решенија за министери, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт. Овојпат тоа беше формулирано во реченица за “разменети идеи и видувања за споделување на одговорности на највисоко ниво во институциите на централната власт“.

Но Алтернатива уште пред средбата негираше дека се разговара за кадровски решенија.

„Не зборуваме за тоа“, рече кратко Гаши.

Дека кадровските решенија не се тема на средбата како изјава стигна и од другата страна во разговорите, но не од Заев, кој и денеска не сакаше да застане пред новинарските камери, туку од Димитар Ковачевски, кој го придружува Заев на средбите со Гаши, а кој токму денеска, час и половина пред лидерската средба ја поднесе својата кандидатура за лидер на СДСМ.

„Се разговара за одредени позиции, но без конкретни решенија“, рече Ковачевски.

И додека официјално ништо не се соопштува, неофицијалните информации се дека Алтернатива за влез во владата бара едно вицепремиерско и едно министерско место поконкретно министерството за здравство, како и неколку стотини вработувања на нивни партиски војници во администрацијата.

Пет дена пак по одлуката на Алтернатива да влезе во разговори за владино коалицирање со СДСМ и ДУИ и веќе две лидерски средби за тоа, опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека тоа би била погрешно.

„Било какво учество на политичката партија Алтернатива во една ваква влада претставува погрешен чекор, но тоа останува на раководството и лидерот на таа партија“, изјави Мицкоски.

По денешната лидерска средба најавено е дека до крајот на неделава ќе се прават консултации, како што се наведува, низ партиите, за усогласување, потребно за постогнување на договор за заедничка  влада.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

САД: Хамас на маса има исклучително великодушна понуда од Израел

Дејан Дејан

Отстранувањето на експлозивните направи во Газа ќе трае 14 години, пресметале ООН

Дејан Дејан

Маж со мачета нападнал луѓе во североисточен Лондон

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе