Вести Свет

Борисов фаворит на утрешните избори во Бугарија, но со малку потенцијални сојузници за формирање влада

Предизборен молк во Бугарија пред  утрешното гласање на вонредните парламентарни и претседателски избори. Ова ќе бидат третите парламентарни избори кај нашиот источен сосед во последните 7 месеци, откако на претходните гласања, во Април и Јули, ниту една политичка партија не успеа да обезбеди доволно поддршка за формирање стабилна влада.

Бугарите овој пат не гласаат само за новиот состав на законодавниот дом, туку и за новиот претседател на државата.

Повеќе од 6 милиони и 700-тини илјади Бугари имаат право на глас, но сите анкети предвидуваат дека голем дел од нив ќе останат дома, како заради разочараноста од политичките лидери, така и поради пандемијата Ковид-19 и растечкиот број заразени и починати од болеста.

Додека во рамките на Европската Унија, 7 –дневниот просек на починати од ковид на милион жители изнесува 3,1, во Бугарија тој е високи 24.13.

Ниту една партија не се очекува да освои самостојно мнозинство и најсиромашната земја членка на Европската Унија многу веројатно ќе се соочи со трета рунда на тешки коалициони преговори во националното Собрание.

Неуспехот да се состави нова влада потенцијално ќе ги забави и плановите на официјална Софија да го усвои еврото како валута до 2024-тата година и ќе го одложи усвојувањето на мерките за ублажување на енергетската криза.

Партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов води во изборните анкети, со поддршка од околу 24% од гласачите, но и недостасуваат очигледни сојузници, пред се заради сомневањата за коруптивно работење на Борисов и неговите најблиски соработници.

Очекувањата се дека победник на изборите ќе биде до скоро владеачката партија ГЕРБ, кој беше причина за голем број протести. Тие протести на претходното гласање доведоа и до голем број на гласови за новите партии.

“Продолжуваме со промените” , новата партија предводена од двајца поранешни министри во техничката влада, Кирил Петков и Асен Василев, образувани на Харвард, е втора во анкетите , со нагорен тренд на поддршката, пред се заради најавите за силна борба против политичката корупција. На трето место во анкетите се Социјалистите а за двете партии се декларираат околу 15 до 16 отсто од анкетираните.

Испитувањата на јавното мислење сугерираат дека 7 политички партии би можеле да го поминат прагот од 4% освоени гласови и да си обезбедат место во законодавниот дом. Иако нема да биде воопшто лесно, аналитичарите очекуваат овој пат политичарите да успеат да формираат влада.

Општеството и граѓаните ќе ги присилат политичарите да формираат влада, што значи дека овој пат шансите за тоа се поголеми.

Се чини дека претседателските избори во државата се полесно предвидливи. Актуелниот шеф на државата, Румен Радев, го бара вториот 5-годишен мандат и предвидувањата се дека ќе го добие, но по вториот круг од гласањето против ректорот на универзитетот во Софија, поддржан од ГЕРБ, Анастас Гердџиков.

Никола Илиевски

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Онлајн трансакциите достигнаа речиси 266 милиони евра во првиот квартал од 2026 година

Дејан Дејан

Кривична пријава за даночно затајување за производител на кабли

Дејан Дејан

(видео)Манасиевски: Политичкиот театар на СДС, Левица и ДУИ не поминува

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе