Расте бројот на новозаболени лица и починати од Ковид-19 на Балканот. И додека медицинските лица постојано бараат ограничувања на собирите или затворање на баровите и ноќните клубови – владите на балканските земји во голема мера ги игнорираа предупредувањата на експертите, надевајќи се дека наместо тоа ќе го зголемат опсегот на вакцинацијата.
Јазот меѓу политичарите и медицинските експерти ја зголеми конфузијата околу стратегијата и најдобриот начин за излез од кризата. Премиерката на Србија Ана Брнабиќ вели дека не верува во мерките што биле воведени пред почетокот на вакцинацијата.
Но, проблемот во вербата во вакцинацијата во овие земји е во фактот дека таа верба не ја споделуваат граѓаните на истите земји. Земјите од Централна и Источна Европа имаа проблем да ги убедат своите граѓани да се вакцинираат. Стапките на вакцинација во регионот се движат околу 50% или помалку, што е далеку пониско од просекот на Европската унија од околу 80%. Во земјите од Европската унија, како Романија и Бугарија, кои бележат најниски стапки на вакцинација во блокот од 40 и 29 отсто, здравствените работници ги обвинија владите за лошо постапување со пандемијата. Во главната болница во Букурешт оваа недела, мртовечницата немаше повеќе простор за починатите. Телата на оние кои починале од ковид биле наредени во болничкиот коридор додека делови од чекалната биле трансформирани во одделение за итни случаи, одделени со пластична фолија.
Унгарската влада минатата недела нареди задолжително носење маски во јавниот превоз и им дозволи на приватните работодавци да бараат од своите вработени да примаат вакцина како предуслов за работа. Премиерот Виктор Орбан оцени дека новите ограничувања можат само да го забават, но не и да го запрат ширењето на пандемијата. Решението го гледа во вакцинацијата. Подемот на паднемијата се чини дека до одреден степен ги разбуди Хрватите, кои во долги редици чекаат да се вакцинираат. Последните неколку дена во просек се имунизираат околу 15 000 луѓе, што е значајно повеќе од претходниот перидот, во државата каде стапката на вакцинација е околу 50%.
Хрватска, како и соседна Словенија, воведоа КОВИД пропусници во последните недели, во обид да го запрат бранот зарази.
Со илјадници нови случаи дневно, во земјата од 2 милиони жители, здравствените организации во Словенија оваа недела испратија итен апел до своите граѓани дека целиот систем е пред колапс и се заканува опасноста да не можат да се понудат основните здраствени услуги, заради пребукираноста на болниците со болни од Ковид-19.
Мартин Николовски
