Вести Македонија

Нема приговори за текот на гласањето

Набљудувач на едно избирачко место во Кратово одбил да го потпише записникот поради сомневање дека имало манипулација при броењето на гласачките ливчиња. Претпладнево поднел приговор до ДИК, но по него се уште не е одлучувано. Во текот на денешниот и на вчерашниот ден, пристигнати се неколку вакви пријави, иако набљудувачи и гласачи не се овластени за ваков тип приговори. Овластени се партиите, односно поднесувачите на кандидатските листи, а тие се уште молчат. Во ДИК велат дека до нив не е пристигнат ниту еден приговор. Рокот за поднесување забелешки за текот на гласањето истекува вечерва во 19 часот, 48 часа по затварањето на избирачките места. Кандидатите и партиите имаат право на уште еден вид приговори, поврзани со  резултатите од гласањето. За сите забелешки поврзани со броењето гласачки ливчиња, сумирањето и утврдувањето резултати, забелешките може да се поднесуваат 48 часа по објавувањето на првичните резултати. Со оглед на сукцесивното објавување резултати, тој рок истекува во различен час за секоја општина одделно. ДИК треба да одлучи во рок од 72 часа, по што подносителот има право и на тужба до Управниот суд.

Граѓаните имаат право да реагираат до ДИК за било каква неможност во остварувањето на нивното избирачко право. Електронскиот систем на ДИК бележи 346 приговори од ваков тип. До завршувањето на гласањето, прифатени се вкупно 217 барања за заштита на личното избирачко право.

Немаше приговор, но по службена должност е поништено гласањето во две општини. На 31 октомври, во Маврово-Ростуше и во Центар Жупа повторно ќе се гласа првиот круг од изборите. Во првата општина, одзивот бил само 32 одсто, а во втората, 26 одсто. Изборниот законик предвидува прегласување секогаш кога во некоја општина нема да излезат барем една третина од запишаните избирачи.

Кога ќе заврши жалбената постапка по сите три вида приговори, ДИК ќе ги соопшти конечните резултати и ќе прецизира во колку општини ќе се организира втор круг за избор на градоначалници, и евентуално – дали некаде ќе има прегласување поради утврдени неправилности и можност да се влијае врз резултатот.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Франција повторно падна во полуфинале против Шпанија

Sportska Redakcija

Илон Маск веројатно го прекршил законот давајќи им на гласачите 1 милион долари – утврди изборната комисија во Висконсин

Дејан Дејан

Шпанија на полувреме води против Франција

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе