Неможност за одржување дистанца поради малите училници, турканици при влез во училиштата заради мерењето температура, неможност да се избегне носењето маска од учениците кои од здравствени причини не смеат да носат, но и главоболка кај здравите деца кои мораат да ги покриваат лицата долго време.Ова се дел од упатените забелешки до МОН од канцеларијата на Народниот правобранител, по бројните поплаки и преставки кои дошле од родители и ученици, околу спроведувањето на наставата со физичко присуство, со почитување на здравствените протоколи.
Учениците укажуваат на тоа дека при придржувањето до протоколите со толкаво времетраење од 7 часа, во текот на денот, предизвикува кај нив голем замор, кој што е придружен со низа здравствени проблеми, како што се главоболка, намалена концентрација за следење, за реализација на наставата. А, кај дел од децата се јавуваати осипи во пределот на лицата, каде што се покриени со маска, изјави Васка Бајрамовска, државен советник кај Народниот правобранител.
На протоколите реагираат и од Првата детска амбасада „ Меѓаши“, од каде побараа и тестови во училиштата против Ковид.
Очекуваме надлежните од МОН заедно со директорите на училиштатата да изнајдат начини и да го искористат убавото време , креативноста и можностите на училишните дворови и да прилагодат дел од наставата, да се одвива надвор, велат од „Меѓаши“.
Според министерката Царовска, наставата со физичко присуство продолжува до евентуални промени на епидемиолошката состојба, со почитување на протоколите поставени од Комисијата за заштита од заразни болести. Од 240 илјади ученици од почетокот на учебната година, околу 500 или 0, 2% се инфицирани со ковид- 19, а 48 или 0, 02% се нови случаи од вчера.
Досега јас од Епидемиолошката служба не сум известена за локална трансмисија. Она што одеше од еден медиум дека имало интерна трансмисија, не ! Има изолација на ученици во поголем број. Но, тоа е одлука на епидемиолозите, вели министерката Царовска.
Од „ Меѓаши“ и од кај Народниот правобранител реагираат и за неподготвеноста во одредени училишта да се спроведува онлајн настава или дека таму каде започнала се одвива со технички проблеми.
Сите училишта имаат обврска да обезбедат онлајн учење за учениците кои што имаат одобрение од училиштето. Во тоа нема да навлегувам . И втората работа е дека сите оние кои што се во изолација и треба да следат онлајн настава, треба истото да им се овозможи. Доколку нема можност за такво нешто, тогаш се доставуваат материјали, рече Царовска.
По враќањето на настава со физичко присуство на средношколците од Струга и Кичево, денеска на седница на Влада ќе се решава дали ќе започнат и средношколците од Тетово и Гостивар, согласно епидемиолошката состојба што ќе ја прикаже локалниот Кризен штаб.
Сотир Трајков
