Без починати пациенти е денешната ковид статистика за Клиничката болница во Тетово за изминатите 24 часа. Во регионот во кој во предходните три недели секојдневно имаше смртни случаи, започнува стабилизација на пандемијата, но сепак состојбата е се уште критична, затоа што во ковид центарот се хоспитализирани 80-тина пациенти, кои се со потешка клиничка слика.
Во Тетово досега нема случаи на ковид во основните училишта, во Гостивар, пак, се регистрирани двајца позитивни професори, од вкупно 6 пријавени случаи во државава за периодот 5-6 септември, заедно со двајца средношколци од Штип и двајца основци од Штип и општина Карбинци. Токму поради лошата епидемиолошка средношколците од полошко првите две недели учат онлајн, а Комисијата за заразни болести треба да одлучи како ќе продолжи наставата. Анализи прави и тетовскиот Кризен штаб.
И неделниот извештај на Институтот за јавно здравје покажува дека бројките паѓаат и кај новозаболените и кај смртните случаи.
Во периодот од 30 август до 5 септември регистрирани се 4.623 новозаболени во 34 града низ државата што е за 27 отсто помалку споредено со неделата претходно. Највисока инциденца овој пат има Свети Николе со 335 заболени на 100 илјади жители а потоа е Скопје.
Најмногу нови случаи се повторно граѓани над 60 години – 1.379, но клучно е што има огромно намалување на бројките кај помладата популација – 43 отсто кај лицата на возраст од 20 до 29 години и 35 отсто кај возрасната група од 30 до 39 години.
Минатата недела забележани се 36 реинфекции што е двојно помалку од пертѕходната недела
Во анализираниот период како последица на компликации од коронавирусот починаа 194 лица во 22 града низ државата, а најмногу се од Скопје – 63.
Данијела Билбилоска
