Термини за прва вакцина има сè помалку, а се ситнат и достапните дози. Извештаите на надлежните се полни со бројка над десет илјади вакцинирани лица секојдневно, но најголемиот дел од нив се всушност ревакцини.
Од Министерството за здравство најавуваат дека од утре ќе има зголемување на термините за вакцинација, врз основа на нови количини на вакцини коишто се очекуваат.
Македонија засега се потпира само на залихите од вакцините „Фајзер“ кои секој понеделник пристигнуваат во рамки на директниот договор со производителот. Бројките од дневниот билтен на Министерството за здравство од понеделник до петок велат – во просек по две илјади вакцини аплицирани како прва доза.
Министерство за здравство: „Процесот на вакцинација и ревакцинација во државата се одвива непречено, во вакциналните пунктови. Веќе од понеделник ќе има зголемување на термините согласно новите количини на вакцини. Во моментов има некаде околу 10.000 вакцини за престојната недела за прва доза. Сите граѓани кои имаат термин за ревакцина, се ревакцинираат со истиот тип вакцина со која се вакцинирани.“
Телма контактираше со дел од одговорните лица во пунктовите. Од вакциналниот пункт во скопската поликлиника „Букурешт“ нè информираа дека во тек е само ревакцинација на оние коишто се вакцинирани со кинеската „Синофарм“. Нови количини на вакцини за прва доза сè уште очекуваат.
А, таква е сликата и во дел од регионалните пунктови. Во штипскиот се пристигнати 4.800 дози од кинеската вакцина „Синофарм“, но сите дози се наменети за ревакцинација на граѓаните. На овој пункт досега се ревакцинирани речиси 12.000 пациенти од штипскиот и струмичкиот регион. Лекарите коишто се дел од процесот се уште не знаат дали од наредната недела ќе даваат и прва доза вакцина во нивниот пункт и ги очекуваат насоките на надлежните.
Во југот на државата, во струмичкиот пункт сѐ уште се врши вакцинација, како и ревакцина на оние коишто биле вакцинирани таму. Сепак информациите на Телма се дека и таму е намалено темпото на вакцинација и се реализираат само термините коишто се од претходно закажани. Масовната имунизација на населението очекуваат да продолжи со пристигнувањето на поголема пратка вакцини.
А, освен оние пола милион кинески вакцини од „Синовак“, Македонија ги очекува и следните пратки од „Фајзер“ како и донацијата од вкупно 70 илјади вакцини од Грција и Бугарија.
Најнова на листата донатори се запиша и Турција, чиј претседател соопшти дека ќе испрати донација од 30 илјади вакцини.
Петар Догов
